Фармацевтската компанија „Алкалоид“ склучи ново партнерство со Црвен крст на Македонија, финансирајќи го ребрендирањето на Дневниот центар за дарување крв, како и понатамошното функционирање на истиот. Главна цел на обновениот центар е да се афирмира, не само како место за дарување крв, туку и како база за едукација на потенцијалните крводарители и за разменување меѓусебни идеи и искуства во рамки на крводарителската дејност.
Денот на основањето на Црвен крст и денот на крводарителството во македонски рамки беа одбележани со промовирање на ребрендираниот Дневен центар во просториите на Домот на хуманитарни организации „Даре Џамбаз“.
Генералниот директор и Претседател на УО на „Алкалоид“, Живко Мукаетов, во рамки на своето пригодно обраќање, истакна дека му претставува особена чест што компанијата што ја води е дел од хуманата мисија на Црвен крст на Македонија.
– Мисијата на „Алкалоид“ е апсолутно комплементарна со таа на Црвен крст, во делот на грижата и помагањето на луѓето на кои тоа им е најпотребно. Нашата компанија и во иднина ќе помага и ќе го стимулира крводарителството, како една исклучително хумана дејност од секојдневното живеење – истакна Мукаетов.
Од Црвен крст, пак, потенцираат дека покажаната и докажана поддршка од страна на „Алкалоид“ претставува пример за тоа како треба да изгледа и да функционира една општественоодговорна компанија во вистинската смисла на зборот.