На изборите народот ќе одлучува кој ќе седи во влада, а кој ќе лежи во Идризово

by Фокус 13:35
13:35

Текстот е објавен на 15 април 2011 во неделникот „Фокус“ во бројот 824

Пишувала
Јадранка КОСТОВА

- Advertisements -

Ви порачуваме дека за сите злодела ќе одговарате. Груевски и Фамилијата нека почнат да се подготвуваат за сопствената одговорност за огромниот портокалов криминал, со која ќе мора да се соочат после 5 јуни. Граѓаните нема да заборават за неговиот криминал, корупција и насилство да го казнат на 5 јуни. Со ваков тип на препораки, инспирирани од преродбеничката корупција која сега нема кој да ја гони, веќе редовно завршуваат сите соопштенија од штабот на Бихачка!

Од Обединети за Македонија, пак, за Груевски и петчлената мафијашка банда, веќе имаат и направено возен ред. Љубе Бошкоски ги пребројува автобусите што ќе сообраќаат после 5 јуни од Илинденска б.б. до Шутка и до Идризово. Братот Љубе, кому неговите екс-сопартијци му креираат имиџ на предавник, токму за предизборието најави дека ќе ја обелодени целата документација и адвокатските тимови кои работат да ги исперат парите на Груевски и фамилијата!

Со други зборови, иако сите партии се перчат со своите предизборни програми, ќе удрат фалби за своите економски решенија, сепак, јасно е дека и на овој изборен циклус главната муниција ќе се испука за криминалот на непријателот. Тоа би му дошло како антикампања за политичките противници. Арно ама, оној кој веќе тера шеста година на власт, а во меѓувреме ги запоседнал сите можни институции, прозвучува повеќе замајувачки кога зборува за афери на екс-функционери. Кога наместо процесуирање на одредени досиеја за скандали на опозициски фактори, овие папки им служат за секојдневни партиски олајавања наречени прес-конференции, тогаш јасно е дека овие пискотници имаат за цел само да го компромитираат непријателот, и, истовремено, да го одвлечат вниманието на јавноста од своите „грандиозни глупости“!

МИТОТ ЗА ЧЕСНОСТА!

Во времето на Промените, омилената вмровска реплика на Љубчо Георгиевски кон критиките од сдсмовскиот табор беше – „И вие така правевте“ што барем значеше признание дека теркот на владеење е ист. Преродбата на Груевски, пак, иако го прави истото ама проширено и надградено, сепак се обидува да продава мит за чесност, појачан со милионски суми народни пари за перење на мозоци, дека ова сега е толку поштено, што не било видено во изминативе години. И, токму ваквиот обид за лажирање на стварноста е уште поопасен и особено нечесен!

Да ги исмејуваш преплатените пенкала на Бранко Црвенковски од 5 илјади евра и папки од 8 илјади евра, а истовремено да се правиш мутав за 500 отсто поскапо платените споменици во милионски суми; да лееш солзи за пола милион „надежни“ евра потрошени од Црвенковски, а да молчиш како риба за десетици милиони евра давани со непосредни спогодби и преку финтата – анекс на договори; да разглабаш пикантерии за Пристоп, а за Република да не знаеш ѓоа ништо… Е, тоа е будалска работа до даска и навреда за граѓаните. Небаре сите 2 милиона и кусур граѓани сме СДСМ или ВМРО!

Но, оваа престрелка очигледно допрва ќе се разгорува. Груевци по добро испробаниот рецепт ќе се лепат на приказни што „истражувачите“ од нивните ТВ разгласи ќе ги верглаат, ќе се снабдуваат со документи, разбира се, според закон за слободен пристап до информации, кој функционира само за „папири“ врзани за опозициски фактори, а можам да се обложам дека нешто крупно се крчка и преку комисијата за лустрација!

Сепак, се додека нивните крими-приказни служат за Бичиклиски да вежба читање, тие секогаш ќе бидат само во функција да се кутне непријателот, а не и да се санкционира евентуалниот криминал. Оти, да повторам, власта ги држи сите конци во своја рака, и сите возможни органи за прогон се нејзина „прчија“. Но, ич нема да ме далдиса доколку до 5 јуни ѝ дрмне нешто да приапси со гала фешта, како што се џилиташе со улисичувањето на ситната партиска риба, градоначалникот на Аеродром, токму на денот кога се самораспушти парламентот во 2008-та!

Сосема друга е логиката на скандалите врзани за оваа групировка, кои, иако тежат во милиони евра, обавезателно наидуваат на непробојниот ѕид на партизираните институции. Но, заканите од опозицискиот фронт, дека после 5 јуни портокаловите измами ќе бидат раскринкани и процесуирани, ја прават уште позапалива предизборната атмосфера. Токму денот на гласање за некого е прашање од рангот на живот или смрт – слобода или затвор. Ова е аргумент плус во прилог на тезата, дека ни претстои ептен валкана кампања во која нема да се избираат средства за да се зачува или освои власта!

Всушност, на портокаловите властитутки најмногу ќе им се удри од глава она со кое се перчеа како нивен врвен дострел, а всушност зад тоа се разобличија нивните ниски страсти. Скопје 2014 навистина остава горчлив вкус на грандиозен проект со грандиозни финансиски дубари. Исто како што храбрата борба против криминалот и неплаќачите на данок, случајот „Пајажина“ де, го распосла дикататорското руво на Груевски и ги разголи сосема како невидено селективни, а одмаздољубиви властодршци!

Ваквиот портрет на Никола Груевски деновиве со уште некоја нијанса го дослика екс-пратеникот од социјалистите, Зоран Витанов. Аршините на Пастирот за санкционирање на криминалот и злоупотребите биле ептен растегливи, зависно од неговите лични и партиски потребштини. На хидро-досието Злетовица, кое Фокус прв го го обнароди уште на 20 јули 2007 година, а лани напрасно го осозна и СДСМ, сега Витанов му додаде уште убав чоколаден фил. Оваа папка што веќе 4 месеци се наоѓа во обвинителството, според екс-социјалистот, му била презентирана на Груевски на 4 февруари 2008 година, значи 6 месеци после текстот во Фокус!

КАЌУШИТЕ РАСПАЛИЈА

Верзијата на Зоран Витанов е дека Груевски одбил да се заинтересира за случајот Злетовица поради медиумската поддршка од Сител, телевизијата на газда Ѕинго. Не ми се веруе, зарем на наш Грујо некогаш му била важна медиумска поддршка?! Та тој еден Велија го сотре во Шутка?! Шегата на страна, ама Зоран ќе дополни и дека во таа пригода, премиерот се зачудил како можел да се дрзне да отвора афера против сопствениот лидер, што во ДПМНЕ било незамислив чин на непослушност!

И, какви беа „одјеците“ на ова сведоштво? Согласно модните плукачки трендови, се удри по гласникот со сите оружја. Социјалистите распалија со каќуши, претставувајќи го Витанов безмалку како криминалец, со кој, види чудо, дури и се тужат. Со оглед на тоа што секое споменување на името на кратовскиот тајкун во други медиуми освен неговиот Сител плус Вечер, го прави да се осеќа „наклевеќен и увреѓен“ па, повлекува судски процес, не е чудно што бате Ѕинго ги решава сите вакви проблеми пред нашето ,независно, судство, уште повеќе – епохално реформирано од чичко Михајло!

Колку судско-обвинителската фаланга на Преродбата и е само уште една алатка во дисциплинирање на јавниот збор, потврдува и ТВ ѕвездата на Ѕинго. Од Бихачка обелоденија документ за некакво земјоделско земјиште во Зелениково на име на Д.П. Латас за кое барал да се пренамени во градежно. И, дотичниот даде историски осврт за плавушите и следствено, а вообичаено за него, најави тужба за клевета, со радост и насмевка на лицето како што бебе се радува на тропалче, а дете за ветена прошетка во Дизниленд. Е, па, другари и другарки, јасно ви е дека палатите на Михајло се нивен терен!

Но, многу поподатлив и инспиративен беше изнудениот коментар на Груевски за изјавата на Витанов. Кој, кога и на кој медиум го кажал тоа, за лидерот на ВМРО-ДПМНЕ било доволно јасно дека е предизборен обид за негова дискредитација. Но, ете, и ова е голем чекор. Злетовица упорено беше игнорирана од Груевски и партијата му. Па тие дури дадоа соопштение за „земјиштето на Латас“ ама ни збор не исчита Бичиклиски за случајот Витанов. А можеше да се извади барем дека досието е во обвинителство, кое ептен нормално е најнезависно!

Арно ама, од сопствен табиет не може да избега. Секој што ќе каже нешто, а ја нарушува сликата за него како Пастир, уште и на А1, плус во предизбориево, по дефиницијата на премиерот, треба веднаш да се отфрли како лага и клевета. А, каде ваквите паталци да зуцнат нешто што не оди во прилог на самосоздадениот мит за чесност? На Сител? На МТВ или Канал 5?! Е баш се мајтапчии..!

Ете, на горенаведените медиуми „сетики“ се згрозува некој новинарски бренд од конфликтот на интереси затоа што Пристоп, фирмата на Игор, синот на Зоран Иванов, добила од кабинетот на Бранко Ц. како претседатал на РМ, зделка тешка половина милион евра. А Зоран работел кај Бранко. Да, ја доведоа во прашање моралната страна на актерите во овој случај. Е па, ајде тогаш да си приповториме малку за случајот Злетовица!

Се започнува со јапонскиот кредит од 70 милиони евра за финансирање на изградбата на хидросистемот Злетовица. Тендерот ќе биде отворен во времето на Владата на Бучковски, непосредно пред изборите во 2006 година. Потоа, министерот за земјоделие, социјалистот Спасеноски во име на Преродбата ќе го промовира конзорциумот „Гранит- Бетон“ како победник на тендерот.

Турската фирма која изгуби на тендерот, уште тогаш, небаре се јасновидци, тврдеше дека сепак во целиот проект ќе влета и РИК Силекс, фирмата на лидерот на СПМ, Љубисав Иванов Ѕинго. Набргу во хидро-приказната и навистина влетува Силекс, ама Неметали СТ ДООЕЛ Кратово, откако ќе потпише договор со конзорциумот како подизведувач.

Но, лидерот на тимот консултатни, Јоаиро Имазава ќе одбие оваа фирма на Ѕинго да биде подизведувач во проектот на браната, затоа што од документите што ги имал на увид, видел дека го нема потребното искуство за таа работа. Патем, фирмата е формирана во април 2006 со основачки капитал од 5 илјади евра. Но, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, а денес амбасадор во Украина, Ацо Спасеновски ќе ја потврди подобноста на кратовската фирма да биде подизведувач за наведените работи!!!

КОГА ВМРОВЦИТЕ ЌЕ БИДАТ МАЖИ?!

Информацијата дека фирма на лидер на партија што е дел од владината коалиција добива државен бизнис благодарение на зборот на министер од истата партија, а директор на хидросистемот Злетовица е ем кадар на социјалистите, ем близок роднина на Ѕинго, не предизвика вакви бљувотки како што сега ги распредоа медиумските каќуши на преродбата за Иванови, ама Зоран и Игор. За Иванови од Кратово немаат ни ронка сомнеж за можен конфликт на интереси, или, не дај Боже, нешто спорно од морален аспект!?

Но, до каде е забегана ВМРО-ДПМНЕ доволно говори тоа што најбезобразно се џилита како СДСМ со денови молчел за аферата Надеж 2. Врв на се е кога ќе спукаат дека „таква дрскост и неодговорност  Македонија оддамна не видела“. Не, бре, другари и другарки од ДПМНЕ. Видела Македонија поголема дрскост. Тоа е кога власта молчи за прозивките на нивните епохално преплатени проекти. Па, кога Груевци се исмејуваат со „енормните трошоци“ за непотизмот, за судирот на интереси во Надеж – тоа е исто како кога посраниот му се смеел на помочаниот!

И сега, во стилот на вмровските соопштенија, штом ги повикуваат, господата од СДСМ, да бидат мажи и да излезат да кажат како било возможно да плаќаат илјадници евра за пенкала, тефтери, неколку листа хартија и слично, редно е и Груевци конечно да бидат МАЖИ и да објаснат, како е можно за форумот на НАТО што во 2007 го организираше нивната влада во Охрид, да бидат потрошени повеќе од 3 милиони евра, од кои дури 800 илјади евра со непосредна спогодба во четири очи? Значи, за половина милионот на Бранко нека покренат постапка, сѐ е под нивна контрола, ама нека не биде тоа само тема за партиски дрндупки. Но, нека бидат мажи за овие 3 милиони, особено за оние 800 илјадарки. Ако мора, според законот за слободен пристап до информациите нека ги земат податоците!

Можат да се сторат уште поголеми мажи, ако детално ни објаснат, зошто скулптури и споменици од светски познати автори, изработени во ист материјал, можат да се нарачаат и да се купат за цени коишто се десеткратно пониски од оние кои ги исплаќа преродбата на анонимуси?

Прашања за докажување на машкоста има уште едно чудо, ама на нив никогаш нема да добиеме од нив одговор, ниту оние што ја имаат таа привилегија да им ги плеснат, у живо, тет-а-тет, ќе ги постават во таква форма. Груевски и групата околу него, ќе ја покажуваат машкоста само на Бранко. Ако оваа власта, не дај Боже, остане и по 5 јуни, на нив уште помалку ќе можеме да добиеме било каков одговор. Напротив, ѓоа машкоста ќе им се зголеми до невидени размери, па ова што сега го имаме ќе се мултиплицира до бесвест. Не е зијан уште еднаш да ја пренесеме големата мудрост, дека власта расипува, а апсолутната власт, како оваа сегашнава, апсолутно расипува!

Во изминативе 20 години имавме барем доволно изборни циклуси или циркузи. Некогаш гласав за, некогаш против, а знаев и да го чкртнам ливчето, како и воопшто да не излезам да гласам, оти ми се смачи од курто-муртовска политика. Но, има моменти кога помалку е важно – кој ќе дојде, од фактот дека страшно е корисно – некој да замине. Така беше во 1998-та, кога беше државен приоритет да тресне нааканиот СДСМ во коалиција со социјалистите, така е и сега со аздисаната ВМРО-ДПМНЕ и нејзините сателити, меѓу кои, глеј чудо – повторно се и социјалистите. Оти, уште еден мандат на ваква тоталитарна гарнитура, во услови кога имаат неограничена власт, ќе претставува вистинско цунами за кревкиот демократски развој!

Груевски во една пригода се пофали дека СДСМ знае да дрибла, но тие знаеле да даваат голови. Само што, се си мислам дека наскоро ќе си збрца автогол. Не мора со пета!!!

Во секој случај, фактот дека на 5 јуни се одлучува кој ќе биде на Илинденска бб, а кој во Идризово, ја прави целата изборна борба да има гладијаторски шмек!

Портокалово сценарио
И ЛУСТРАЦИЈАТА ВО СЛУЖБА НА ИЗБОРИТЕ!

Според неколку димни сигнали може да се намириса дека Груевци планираат да ја (зло)употребат лустрацијата во изборната битка. Зошто се сомневам во такво сценарио? Едноставно, оваа мнозинска гласачка машинерија, на која се чини главниот умствен напор и е од физичка природа- да стиснат копче за се што ќе предложи Груевски, и која за еден ден успеа да ,смачка, дури 200 закони во Собранието, замислете, не стигна да потроши уште 30 секунди, колку што ќе им требаше за да го изгласаат и новиот претседател на комисијата за лустрација, но, овој пат предложен од редовите на опозицијата!!!

Како што Фокус веќе регистрираше, претседателскиот мандат на вмровскиот кандидат, Томе Аџиев, заврши уште во февруари. Да биде заплетот уште „помрсен“ новиот претседател (од СДСМ) и неговиот заменик (од ДУИ) поминале низ собраниската комисија за избор и именување, меѓутоа, парламентарното мнозинство одлучило да не потроши уште некоја секундичка од своето драгоцено време, за да го официјализира тоа преку Собранието. За разлика, нели, од чичка новиот уставен судија, кој им е толку битен што ќе го изгласаат на денот на распуштањето на парламентот!

Чуму им е овој луксуз? Речиси сум убедена дека комисијата под раководна палка на Аџиев ќе треба многу бргу да избутка некое, а можеби и повеќе кодошки досиеја на бивши функционери што не починале, ама се од СДСМ. Доколку навистина го изгледаме таквиот филм, тогаш нема дилеми дека станува збор за злоупотреба на лустрацијата од портокаловите властитутки!

И, што би рекле од СДСМ, за тоа некој ќе треба да одговара. Арно ама, само ако Груевци добијат црвен картон на 5 јуни!

Вмровски смешки (1)
ГИ ЗНААТ СДСМОВСКИТЕ РОДНИНИ, АМА СВОИТЕ – НЕ!

Во Министерството за внатрешни работи на неопределено време, и тоа без јавен оглас, е вработен Зоран Симеонов, близок роднина на Боркица Груевска, сопруга на македонскиот премиер – обвини деновиве СДСМ, поткрепувајќи го тоа со документ од Агенцијата за вработување, со датум од 17 февруари 2011 година.

Сепак, бисерот следуваше од устата на министерката Јанкуловска. Во МВР работеле близу 12 илјади луѓе, па таа не можела да знае кој на кого му е роднина. Ем, кој со кого бил близок по било кој основ – за Јанкуловска не било релевантна информација!

Е, како, бре, Гордано, ги знаете сите роднини на сдсмовците вработени во државна администрација, ама за вмровските имате амнезија тоталис?! Та, и сдсмовци ги има повеќе од 12 илјади сигурно, но, на прес-конференции ги везете на разбој нивните имиња. Или, можеби, проблемот е во тоа што непотизмот и партизацијата на администрацијата во преродбенички дух ги сметате за „нерелевантни информации“?!

И така, Јанкуловска не насмеа кога се вадеше со „незнаење“ иако, нели, знаењето е сила ем моќ!

Вмровски смешки (2)
НЕПОТИЗАМ „ДЕ ЛУКС“!

Нема поголем непотизам од тоа, син на поранешен функционер и пратеник во Собранието да стане претседател на подмладок на политичка партија – распука преродбеничката Марија Андоновска, нормално, насочувајќи го куршумот кон непријателската СДСМ!

Така ја дознавме вмровската дефиниција за најголем непотизам. Тоа што таткото е веќе бивш пратеник, а синот не е вработен во државни институции, туку само му скокнала партиската функција, изгледа го прави случајот да биде „нај непотизам“. Помал непотизам е веројатно ако еден братучед е премиер, а друг братучед е шеф на ДБК. Ако едниот е претседател на партија, а вториот е член на највиското раководство во истата партија!

Бог да чува и да брани. Но, според оваа дефиниција, изгледа Груевски ќе влезе во најнепотизам дури кога ќе стане бивш, а братучедот ќе добие повисока партиска функција!

Ви звучи можеби шашаво, но барем е доволно забавно!

Поврзани новости