,,Алкалоид АД “Скопје оствари позитивни финансиски резултати во првите девет месеци од 2015 година, покажуваат неревидираниот единечен и неревидираниот консолидиран Биланс на успех.
Во периодот јануари – септември, вкупните консолидирани продажби достигнуваат 5.872 милиони денари, што е за 6% повеќе во споредба со истиот период лани. Вкупниот консолидиран извоз на компанијата, пак, е зголемен за 10%. Зголемување од 1% е забележано и кај добивката пред финансиски трошоци, даноци и амортизација (ЕБИТДА), која во првите девет месеци годинава достигнува 841 милиони денари, додека нето консолидираната добивка од 462 милион денари е зголемена за 5%, покажува консолидираниот Биланс на успех.
Според единечниот Биланс на успех, пак, во периодот јануари – септември, продажбите достигнуваат 4.492 милиони денари, што е за 3% повеќе во споредба со истиот период лани. Добивката пред финансиски трошоци, даноци и амортизација (ЕБИТДА), која изнесува 811 милиони денари, бележи зголемување од околу 1%, додека нето добивката е зголемена за 3%.
Вкупните инвестиции во основни средства во периодот јануари – септември 2015 година изнесуваат 530.367 илјади денари.
Во периодот јануари – септември 2015 година во Алкалоид се реализирани 79 нови вработувања во Република Македонија.