ДУША НА ПРОМАЈА

by Фокус 11:05
11:05

Агим ЈОНУЗ

Зашто е овој народ уплашен? Од кого? Од кого цвика да излезе и да им каже дека му е преку такво од политикантство, калкулации, од лажни богови? Од спасители. Од кого те спасува? Од твојот глуп мозок затоа што толку ти е  капацитетот. Зашто сите во себе создаваат паралелен микросвет како одговор на оној надворешниот? Зашто сите имаат по една приказна за на улица, а една за дома?

- Advertisements -

Чиjа е Македонија. На Грујо? Заев? Али? Да не е на татко им? Да не е плава крв? Да не е генерациска буржоазија? Да не е просветител на нацијата? Да не е месија? Па што се политичарите? Сакаш да знаеш? Во најголем дел довчерашни „од кај се овие, бе“?! Ете, тоа се! Еден добар дел од нив асфалт гледале само кога ќе излезат на пат!

А ти народе, море, крши глава. Ти си ги изгласал, си го продал газот за ситна услуга, нешто што си морал, нешто што не си имал друг избор, нешто за да нахраниш семејство. А во најголем дел затоа што и сам си мивка!!! Да не беше, ех, да не беше!

Спремен ли си да ти го перат мозокот сега пред избори? Да ти претат. Да те уценуваат. Да те врзат за телевизор дома да гледаш платена политичка програма. Да те онакват како сакаат ако им затребаш, зашто си го дал газот под кирија, за плата од која тебе те прави најголем патриот. За вреќа брашно, за сендвич, за две чашки ракија на денот на изборите.

Беден си ти човече ако патриотизмот ти чини една вечера на Запад. Ама, сепак те разбирам. Немаш избор. А, знаеш зошто немаш избор? САМ не си го создал, морону балкански! Бараш почит? Стап! Ти сам не си се почитуваш. Секојдневието ти е и слика и прилика и доказ за тоа.

АКО ЛАЖАМ НЕКА ЦРКНАМ

Дали лажам ако речам дека ние сме единствена држава во која штрајкувала војска, штрајкувала полиција, штрајкувало судство, штрајкувале доктори, хирурзи, брза помош, штрајкувале дури и затворските чувари, штрајкувал кој стигнал до сега. И кучиња по улица.

Дајте ми еден сегмент од општеството во кое до сега немало – штрајк! Штрајкувале медиумите, сите новинари, известувачи, аналитичари, секој имал понекоја солза над сопствената судбина во земјава. Колумнистите ( политички неопределените) бираат зборови да не застанат на жуљ некому.

Земја во која извршната власт прогласува штрајк е земја за која е потребна екипа од стручњаци за да ја дефинира. И сите се лицемерни до ниво на совршенство. Лицемерието е спорт број еден.

Национални каузи, бајраци, национални херои качени на коњи по раскрсници, оргазмични демохристијански поклици верзус исламистички претпоставени непријатели, различни светови кои ги дели една плитка вода полна со гомна ( Вардар) , на кој за жал, гледајќи по стари слики, некогаш се белело платно исто како и крај Охридското езеро. Некогаш! Да, да! А сега по него мочаат канализационите цевки на бродовите закотвени сред Скопје кое ни ‘’Б‘’ од брод немало во историјата. Ни ‘’Б‘’ од барок, барокнем ти га мајке!

Дали лажам ако речам дека на секоја маса во оваа држава барем еднаш е поставена ( тивко да не чуе никој) мислата дека „а бе на крај ќе ја поделат Македонија“ и толку ќе биде од сево ова? Па, ќе ја делат сигурно, коа те гледаат тебе мајмун.

Не си? Аха, извини, да заборавив, ти си антички Македонец. Пардон! Те поздравија основоположниците на словенската писменост Cв. Кирил и Методија. Рекоа да те потсетам дека секаде на светот за да преземеш нешто потребна е „муда“, а само кај тебе „треба газ за таква работа“.

КОЈ СИ БЕ ТИ ШТО ЈА ПИШУВАШ КОЛУМНАВА… ШТО СЕРЕШ ( ОВОЈ НАРОД ТАКА ПРАШУЕ)?

Да, пардон, мојата маленкост заборава дека има отворени прозорци на душата, па го удрила страшна промаја. Можеби еден ден ќе го удри и срце, ама баш некого го заболе за тоа.  Не сакајќи се образував, малку троа прошетав по светот, а најлошата услуга ми ја направи интернетот. Тоа „ентерот“ заебана работа. Ти кажуе многу работи.

Укинете го интернетот веднаш и сега во Р. Македонија. Лошо влијае врз мозокот балкански. Особено на младите. Така не мора да следиш само домашни медиуми. Исус Христос, Хазрети Иса а.с. рекол „блазе си им на сиромашните со духот, нивно е царството божје“. Дали мислел на нас? Гарантирам! А, знаете зошто? Затоа што садо – мазохизмот што си го произведуваме сами и уживаме во него само ние можеме да го произведеме. А тоа можат само сиромашните со духот.

Луѓе со поинаков дух поинаку реагираат и поинакви тонови слушаат во ветерот кој носи мирис од гозбите и луланките на древните Содома и Гомора кои бог ги срамнил со земјата и ги сторил пепел. Некој го пробуди животното во нас. Трагично.  Мојата маленкост беше среќна кога осумдесеттите години присуствуваше на претставата „Пиреј“ од Петре М. Андреевски, како оден од креаторите на музиката за таа драма. Драмата завршува со легендарните зборови „нашето семе е Пиреј, корни го, сечи го, пак расте“. Па, зар цела историја ќе бидеме пиреј, а не некаква поинаква билка. Пирејот е штеточина! Не е билка. Не е цвет за да го ставиш во саксија. Од пирејот никој не видел аир.

Ни смрди душата од лошотилак. Од поквареност. Од мизерија. Некој ќе рече, „отвори ја да ја удри промаја“ да излезе смрадот. Тешко! Предлабоко е влезен во ткивото. Не е веќе до смрдеата. До душата е. Ние не ја чувствуваме самите затоа што носот ни е презаситен и не се мирисаме сами. Нам тоа ни е нормално. Ненормално нормално.

Божествена комедија со кругови во кои се измешале алките на разумот. Како спирала која не голта, а ние оргазмично уживаме како на свадба пред крај кога пијани сеедно на која музика играме, само да играме. Нека е свадба, па еби му мајката. „Цигани лете на небо“. А ние? Ние си го копаме гробот. Ќе остане ли во државава барем некој да не спушти во него? Една молитва да рече. „Арни беа, арно ги најде“.

„Земјата в земја, пепелта во пепел“. А ѓубрето во заборав.

Поврзани новости