Алексоска од Ф2Н2: Во време на пандемија, дезинформации за 5Г создаваат дополнителен страв и немир

by Фокус

Кампања базирана на дезинформации и манипулации во врска со 5Г мрежата беше покрената во периодот меѓу 25 и 27 март, кога земјава стана полноправна членка на НАТО и беше во исчекување дали ќе добие датум за почеток на преговори со ЕУ, вели Росана Алексоска од платформата за борба против лажни вести и наративи Ф2Н2, која периодов објави серија на текстови со кои се разбиваат вештачки креираните митови околу 5Г мрежата.

-Се започна со таканаречени вести дека САД го шири корона вирусот преку 5Г. После тоа следуваа објави дека има мртви врапчиња, а после на тие „вести“ им се стави предзнак дека тоа е поради 5Г технологијата. Дел од порталите споделуваа вакви „вести“, а една ваква „вест“ од фантомски портал беше споделена на 17 фејсбук групи – изјави Алексоска во 360 Степени на Алсат М.

Во тој контекст, таа додаде дека преку социјалната мрежа фејсбук се организирала петиција против 5Г која добила 13.000 електронски потписи, но покрај оваа, според неа, легитимна и транспарентна платформа, се спровела уште една петиција со над 5.000 потписи без да биде познато кој стои позади.

-Ретко се случува тие што што стојат зад вакви кампањи да измислат нова приказна, зашто така ќе допрат до помал број на луѓе. Затоа, за да ја постигнат целта, тие ја користат секоја можна прилика. Корона вирусот и состојбата што ја предизвикува им создава можност да создадат дополнителен немир и страв. Како да не е доволно ова што го поминуваме, па потребно е нешто дополнително за да биде уште пострашно – истакна Алексоска.

Таа предупредува дека во следниот период треба да се очекува да се покренат и други теми и прашања кои ќе се доведат во корелација со корона вирусот. Според неа, во време на пандемија и глобална криза, дезинформациите мора да се разгледаат и од аспект на нивните ризици.

-Ако луѓето веруваат во теории на заговор, тоа може да ги стави во индивидуален ризик да не преземат навремени мерки и да се стават во ризик како себе си така и најблиската околина. За 5Г кампањата забележуваме еден тренд каде тролови, анонимни профили, ги повикуваат луѓето на протести. Целата оваа кампања носи и безбедносни ризици – децидна е Алексоска.

Поврзани новости