Александра Миланова, сценаристка што стигна до Холивуд: Не им е важно од каде сум, македонските приказни им се уникатни!

by Fokus

Филмската индустрија во Македонија полека почнува да мрднува од „мртва“ точка во последните неколку години. Се снимија многу филмови, серии, кои беа позитивно прифатени од македонската публика. Една од сериите кои веќе неколку години ја смеат јавноста во Македонија секако е Преспав.

Александра Миланова е сценаристка во оваа серија и во „5+ Фамилија“, а во интервју за Фокус ни раскажа за нејзината кариера, достигнувањата и учењето во гламурозниот Холивуд, сонот на секој човек од филмската фела.

Таа вели дека интересот за да се занимава со сценарио дошло многу спонтано, за подоцна да почне со само-едуцирање и сериозно да навлезе во тие води. Миланова дипломирала на отсекот Е- Бизнис на Економскиот факултет во Скопје, а магистрирала на Проектен менаџмент на ФЕИТ.

Јас пишував поезија, кратки приказни и есеи, но тоа никогаш не го гледав како професија. Еден ден одлучив да напишам расказ и само што почнав да пишувам, после првите две-три реченици, автоматски, потсвесно го сменив форматот во сценарио и ја адаптирав приказната во филм. Форматот ме поведе и ме инспирира до тој степен што од работа трчав дома за да го пишувам сценариото. За неколку дена напишав околу 80 страници и веќе знаев дека тоа е тоа што ми ја отвора душата“, го започна разговорот Миланова.

Тоа било иницијална каписла за таа да почне да се вљуби во сценариото, а и се укажало можност и да го надогради образованието.

Можноста за магистерски студии по Сценарио во Лос Анџелес ми беше како подарок од Бог за истрајноста и упорноста. Уште пред да ги завршам студиите, напишав сценарио за „5+ Фамилија“ и мојот добар пријател и сограѓанин, Сашко Потер, му го испрати на Пеце од ОХО кој веднаш ми понуди да бидам дел од сценаристичкиот тим. Тоа се случи во 2015та година и го обележа почетокот на мојата професионална кариера како сценарист“, вели таа.

Студирањето во Лос Анџелес, вели, дека и било едно од најдобрите искуства во животот, опкружена со креативни умови од целиот свет.

Главен професор во Лос Анџелес ми беше Нанзио ДеФилипис кој е познат телевизиски сценарист и автор на стрипови во Холивуд. Има работено на Арлис (Arli$$), серија на HBO, како и на познати франшизи од Marvel и DC, меѓу кои, Икс-Мен (X-Men). Она по што Нанзио се одликуваше од повеќето ментори е тоа што умееше да ја процени визијата на секој сценарист и да придонесе позитивно, без да наметнува своја перспектива. Самата програма беше креирана часовите да симулираат „соба на сценаристи“, каде секојдневно ја споделувавме нашата работа и учевме пишувајќи“, го продолжи разговорот сценаристката.

Миланова вели дека не постои некоја огромна разлика помеѓу „5+ Фамилија“ и серијата Преспав, затоа што како што вели, темите кои се обработуваат во овие проекти, се поклопуваат.

И двете серии ги продуцира ОХО продукција така што системот на кој се реализираат е многу сличен. Она што е константно и за двете серии е учењето, развивањето, усовршувањето и прилагодувањето. Главните разлики меѓу двете серии од гледна точка на сценарист се во идеите и приказните и нивно адаптирање за да соодветствуваат со визијата на главните креативни авторитети на соодветната серија. Иако „5+ Фамилија“ ја таргетира помладата публика, а „Преспав“ повозрасната, сепак многу од темите, како инклузивност, толеранција и соживот, се поклопуваат“, анализира таа.

Оваа девојка била вклучена во втората, третата и петтата сезона на серијата Преспав. Вели дека работењето на таква серија не е воопшто лесно, но енергијата која ја дава, се компензира со желбата за одмор.

Сценаристите се главно вклучени во процесот на развој, додека за време на снимањето ние малку здивнуваме затоа што се цели сценаријата да бидат заклучени пред да се почне со снимање. И процесот на развој е интензивен, како и снимањето и секако дека изморува. За краток период треба да се изработат многу сценарија со висок квалитет и ова бара прекувремена работа. Но, во исто време процесот дава енергија затоа што работата е забавна. Балансот во работата се наоѓа лесно затоа што овие интензивни периоди се релативно кратки и има доволно време за одмор“, истакна Миланова.

Ковид-пандемијата го успори целото општество, па така беше потфатена и филмската индустрија. Голем дел од проектите се одложиле, а тие што се работеле, функционирале под строги протоколи.

Филмската индустрија беше една од најпогодените заради самата природа на работата и потребата за близина меѓу луѓето за време на снимање. Нашата работа, како сценаристи, беше погодена од аспект на откажување/одложување на проектите, како и од аспект на намалување на продуктивноста и креативноста како последица на психолошките притисоци од пандемијата. Но, од аспект на застој на процесот на развој, пандемијата немаше никакво влијание. Сценаристите немаат потреба да бидат во непосредна близина за да работат. „Зум“ стана главна алатка што се користеше од сите „соби на сценаристи“ и процесот на развој течеше непречено и без проблеми“, вели таа.

Серијата „Преспав“ ја имаше и својата петта сезона, нешто што е реткост кога станува збор за серии во македонскиот телевизиски етер. Се чини дека со овој проект, снимањето на серии почна да се движи во позитивна насока.

Преспав како самоодржлива серија и тоа како ги мрдна работите од мртва точка. ОХО продукција покажа дека се може и повеќе нема место за изговори“, посочи Миланова.

Патот додека се стигне до популарниот Холивуд не е воопшто лесен. Но, за нашата соговорничка – ништо не е невозможно.

Тежината на патот е субјективна и сè зависи од тоа како една личност го гледа светот. Мене ми оди во прилог тоа што не се плашам од работа и со тоа работата не ми претставува тежина без разлика колку и да е интензивна. Нанзио ДеФилипис еднаш ми кажа дека сум највредниот студент што некогаш го видел, но јас познавам многу луѓе што работат повеќе и од мене. Да работиш вредно не мора да значи дека мора да бидеш „воркохолик“, да се откажеш од социјален живот, да не живееш здраво и да правиш жртви. Всушност, вистински успех не е ни возможен доколку ги жртвувате другите аспекти во животот. За еден сценарист да напише добра приказна, мора да има интересни искуства и уникатни животни приказни од кои ќе се инспирира. За сето ова да се постигне треба многу енергија, но ако се работи од срце, тогаш самата ваша работа ви дава енергија и тоа е клучот за да се истрае. Секој кој работи на ваков начин може да стигне до Холивуд“, раскажува Александра.

И покрај можноста која и била укажана, таа вели дека ако тоа не се случело, ќе нашла начин за да дојде на големата врата. На Холивуд не му е важно дали се доаѓа од мала или голема држава, додава таа.

Кога се доаѓа на такво место, неизбежни се средбите со познати филмски ѕвезди, а според Миланова, тие средби се најнормални и опуштени.

Сум се запознала со многу познати ликови од Холивуд. Едни од најпознатите се Чејс Крафорд (Gossip Girl), Џордан Пил (Get Out) и Џастин Тимберлејк. Интеракцијата со познати луѓе е потполно иста како и интеракцијата со непознати. Почнува со едноставни прашања и се развива според карактерот на личноста. Некој има смисла за хумор па ќе се пошегува, друг ќе си каже мислење за нешто. Мислам дека ниту еден човек не треба да се става под тој притисок да биде идол во очите на луѓето затоа што не постои човек што е идеален“, смета таа.

Од пред малите екрани, се добива впечаток за гламурот на Холивуд и таа филмска сцена. Според Миланова, тоа е само еден процент од тоа што се случува.

Забавата е дел од работата, така што таа спаѓа во тие 99 проценти. Холивуд е една од најотворените и најискрени индустрии во светот, колку и да е тоа тешко да се поверува. Сè што се случува таму е секогаш публикувано и ништо не може да се скрие. Мааните на Холивуд сите ги знаат, жолтиот печат не пропушта да ја „забавува“ јавноста со скандали. Она што не се знае е тоа што најголемиот дел од професионалците таму се неверојатно позитивни, вредни, искрени и хумани. Сум посетила многу места во светот, но Лос Анџелес е единственото место кадешто целосно ме прифатиле без никакви предрасуди и дискриминација“, раскажува нашата сценаристка.

Да си странец во Холивуд е нож со две сечила, но таа сцена и ги олеснува, но и ги отежнува работите за еден млад човек кој сака да гради кариера во САД.

На почетокот се борев со културен шок што ми беше пречка во секојдневието и во работата. Јазикот е најважната алатка на сценаристите и морав странски јазик да усовршам до највисок степен за кратко време, но англискиот го обожавам исто како и македонскиот и брзо ја прескокнав таа препрека. Предизвик беше и тоа што во Лос Анџелес отидов сама и не познавав никого таму, па морав да почнам од нула и постепено да развивам мрежа на контакти. Од друга страна, пак, како Македонка моите приказни се уникатни затоа што во нив се отсликува еден поразличен аспект на животот и се провлекуваат оригинални гледишта што се нови за Американците“, истакна Миланова.

Плановите за во иднина се таа да продолжи да работи на проектите на кои работела, а сака и да експериментира и во еден друг свет.

Се работи за еден долгометражен филм и една серија за кои се чека да се создадат услови за реализација. Во однос на форми и жанрови планирам да се префрлам во американската телевизиска комедија и веќе го напишав првото пилот-сценарио за кое добив одлични критики. Во секој случај, никогаш не се држам толку цврсто и тврдоглаво до она што го планирам и секогаш сум отворена за нови подобри можности. До сега плановите на Бог секогаш биле подобри од моите. Ме одвел на места што не сум можела ни да ги замислам, така што верувам во Него“, го заврши разговорот Миланова.

Јорданчо Цветаноски

Поврзани новости