Александар Петров: Блокадата од Бугарија е доказ дека бура може да се направи и во чаша вода

by Fokus

Се чини дека преговорите меѓу Бугарија и Република Северна Македонија повторно влегоа во фаза на стагнација, откако двете страни изградија цврсти и дефинитивни позиции во последните два дена, оценува бугарскиот портал Вебкафе во анализа на македонско-бугарските односи.

Според авторот на анализата, Александар Петров, властите во Скопје говорат за признавање на историските корени на македонскиот јазик и за „неодговорната и тешка геостратешка грешка“ на Бугарија, додека пак Софија ја повторува мантрата дека е најголеми поддржувач на балканското проширување на Европската Унија, а дека Северна Македонија не го почитува Договорот за добрососедство.

– Актуелната состојба меѓу двете земји е доказ дека бура може да се направи и во чаша вода. Буквално до пред неколку месеци, Бугарија беше најсилниот поддржувач на македонската кауза за членство во ЕУ. Сепак, несогласувањата во мешовитата комисија за историски прашања за тоа чив е револуционерот Гоце Делчев, ги изнесе на виделина сите контроверзни прашања, давајќи им глас главно на најбучните националистички и опортунистички гласови од двете земји. Апсолутен факт е дека комисијата за историја дојде до прашање за кое не може да се постигне договор, а македонските историчари претпочитаат да ги одложуваат и блокираат состаноците отколку да продолжат со дискусиите, се наведува во анализата.

Петров посочува дека Бугарија ја направила најсериозната можна грешка со тоа што „ова историско прашање“ го претворила во залог за европската иднина на земјава.

– Постојат неколку причини зошто ветото за Северна Македонија е лош потег, но прво и најважно е непријатната ситуација во која Владата ја става Бугарија – изолација, неразбирање од страна на нашите надворешни партнери и ставање во улога на „лошо момче“, се наведува во текстот.

Според авторот на анализата, бугарското вето само по себе не е толку проблематично, туку проблем е тоа што ваквиот потег ја турка Софија на маргините на ЕУ на „места каде не се носат одлуки за иднината на Обединета Европа“.

– Проблематично е затоа што наместо да ги решава постојните проблеми, (Бугарија) создава нови, а единствените кои имаат корист од тоа се популистите од двете страни на границата. Ако нашата дипломатија беше во можност да се извлече од изолација по прашањето за Северна Македонија, работите ќе беа поинакви. За жал, бугарската кауза сепак не е заштитена во странство, се потенцира во анализата.

Поврзани новости