Александар Македонски е најголемиот бугарофил во македонската историја

by Фокус

Текстот е објавен на 20 март 2009 во неделникот „Фокус“ во бројот 716

Пишувал
Љубчо ГЕОРГИЕВСКИ

До распадот на Југославија, во Македонија ретко среќавав Антички Македонци, додека на почетокот на деведесетите почнав да ги запознавам повеќето во дијаспората. Со текот на времето, некои од нив ми станаа пријатели или познаници, меѓутоа, никогаш не ми пречело нивното лично убедување, ниту сум се обидувал да ги разубедувам во нивните ставови. Но, за жал, последниве две години, во една масовна владина кампања преку медиумите, тие се обидуваат да ме присилат да мислам како нив. Оттука произлезе потребата да го изложам мојот став околу ова прашање.

ПО УМОТ НА КАРАВАНГЕЛИС

Најпрвин, дали сум пан-славист? Категорично НЕ! Никогаш таквата идеја не ми била блиска, меѓутоа никогаш не можам да се согласам дека треба да се гордеам со роднините на Хунзите и Калашите, а да се срамам од Словенците, Чесите или Полјаците. Дали Македонија треба да му се посвети на истражувањето на целото закопано археолошко богатство на сопствената територија? Без сомнение ДА! И лично, кога имав можност во премиерскиот мандат, дадов голем поттик за соодветни активности на тој план. Дали Александар Македонски е голем војсководец? Апсолутно ДА!

Но, дали македонската етногенеза треба да ја бараме во Античка Македонија? Категорично сум ПРОТИВ! Зошто? Најпрвин, затоа што актуелно-политички ја загрозува државата. Така, додека во Букурешт си заминавме како беспомошни жртви, набргу потоа, следејќи ја политиката на Владата, се престоривме во агресивни пропагатори на “нашето потекло од велик род”. Наспроти тоа, упатуваните пораки од нам наклонетите земји се недвосмислени. Имено, да престанеме да се занимаваме со сказната за Античка Македонија!

Второ, затоа што на тој начин од самите себе правиме карикатури пред целата меѓународна заедница каде што солидно ја познаваат нашата историја; затоа што непотребно ги дразниме другите етнички заедници во Македонија, на тој начин отворајќи им простор да се навратат на своите славни истории; затоа што ова е нова поделба во македонското етничко ткиво за што сведочат многубројни примери каде што во личните контакти избиваат жестоки расправии помеѓу Античките и Словенските Македонци. И, конечно, затоа што тоа е виртуелна историја која не почива врз никакви аргументи!

Ако добро ги следам, внуците на Аминта дејствуваат во неколку категории. Во првата спаѓаат Македоноидите, кои ја заговараат теоријата дека целата бела раса потекнува од некакви Македоноиди, а тоа, всушност, сме ние. Како подгранка на споменатата категорија се појавува школата дека сите царски фамилии во Европа и две третини од Американските претседатели, практично се – Македонци.

Втората категорија ја застапува теоријата дека сите Словенски народи потекнуваат од Македонија, така што миграцијата се одвивала оттука спрема север, па Словенците, Чесите, Пољаците, Русите… во суштина се неосвестени Македонци.

Припадниците на третата категорија прават микс од сите други учења, така што главната поента е дека Македонците немаат ништо заедничко со Словените, а македонскиот јазик е посебен јазик, различен од словенските (оваа гранка се доближува до границата со моронството во научна смисла). И последната школа, го застапува стојалиштето на широк спој, така што практично сите сме Македонци – од Славе Македонски од Неолитот, па до денешната Влада на ВМРО-ДПМНЕ!

Чудна работа, како овие генијални идеи до сега не му паднале на ум на никој од столбовите на нашиот национален идентитет!? На пример, на Светите Кирил и Методиј, на Светите Климент и Наум, ем во VII и IX век посвежо било и сеќавањето на Античка Македонија. Подоцна, на тоа не се сетил ниту Цар Самоил, чиј главен противник бил Василиј Втори Македонецот. Почнала Преродбата. Таква генијална идеја, исто така не им текнала ниту на браќата Миладинови, на Прличев, на Шапкарев, на Џинот

Потоа, ниту на основачот на македонската нација, јазик, црква и култура, Крсте П. Мисирков. На секоја втора страница од неговото дело „За Македонцките работи”, тој го потенцира Словенскиот карактер на новата Македонска нација која што тој предлага да се роди. Настапува комунистичката историографија. Се поведува една многудецениска битка со бугарската историографија, па дури ниту ним не им текнува да ги матираат Бугарите со тој генијален потез, така што, додека тие се занимаваат со Словенските корени, ние да се прогласиме за Антички Македонци. Доаѓа деведесеттата година. Се појавуваме ние, основачите на ВМРО-ДПМНЕ. Главниот проблем со кој што се соочуваме е масовното југословенство на македонската нација. Приказната за Античка Македонија можевме да ја употребиме за будење од југословенските сновиденија, но, не го сторивме тоа..!

Сепак, морам да споменам дека ваквата идеја, покрај актуелните генијалци, му текнала уште на некој. Имено, на Грчката патријаршија во нивната експанзионистичка политика во XIX век. Главната пропаганда на Каравангелис и на грчките владици во Македонија, била истородна со денешната: „Вие сте потомци на славниот Александар и Филип, во вас тече грчка крв, само што Словените ве словенизирале во т.н. Грчки Славофони”. А, најпознат таков Македонец е славниот Коте од Руља. Во актуелната приказна ги препознаваме истите зборови, само што Александар не е Грк, туку чист Македонец!

„ЈАС, ЕЛИНОТ АЛЕКСАНДАР…“

Значи, зошто ја поддржувам тезата на големите носители на македонската историја дека постои јасен дисконтинуитет помеѓу Словенска и Античка Македонија? Прво, не постои никаква усна или пишувана народна традиција, народно творештво, кои би нè упатиле на тој период. Нема ниту една народна песна или народна приказна на која се сеќаваме од нашето детство што ќе ни разбуди носталгија по тоа време.

Второ, јазикот што претставува еден од основните кодови на која било нација е јасна гранка која припаѓа на јужно-словенските јазици, фундирани врз база на Старословенскиот јазик. Во последно време сме опсипани од информации дека ваму или таму пронашле неколку збора на Антички Македонски јазик, а тие никако да ни бидат презентирани.

Претставувањето на јазикот на Хунзите и Калашите, како близок по структура на македонскиот литературен јазик, претставува духовна карикатура без коментар. Да не ги споменувам вицевите кои нѐ упатуваат на потеклото на имињата на Пакистан и Курдистан, кои, за жал, до вчера беа третирани како сериозни аргументи во експанзијата на македонскиот јазик!

Во тој контекст е и приказната за каменот од Розета. Ете, никако да го видиме конечниот превод на фамозниот среден текст на Антички Македонски јазик. Патем, само да споменам  дека тој е преведен уште пред времето на Шамполион и дека врз база на тој превод Шамполион ги превел Хиероглифите, така што и преводот на вториот текст и преводот на Хиероглифите, врз основа на вториот текст од страна на Шамполион, денес се во употреба. Значи, преведуваме текст што веќе е преведен, правејќи уште една мистификација. Конечно, во денешниот македонски јазик нема ниеден латински збор, освен интернационализмите.

Римјаните го латинизирале целиот Медитеран. Во таа смисла, влашкиот јазик е соодветен пример, а албанскиот содржи околу 30 отсто латински зборови. Чудна работа, како во нашиот јазик нема никаква лингвистичка трага од ниту едно зборче. Токму непостоењето на латински зборови во сите словенски јазици на Балканот е еден од најочевидните докази дека Словените се населиле подоцна!

И, трето, да извршиме анализа на историските факти. Кај нас е отворена расправа дали Античките Македонци се Грци или не? Владее настроение дека, доколку докажеме дека не се Грци, небаре по автоматизам негрчкото потекло на Античките Македонци го потврдува нашето Античко потекло. Забораваме, исто така, дека историјата од тоа време на овие простори познава три големи етнички супстрати – Елини, Траки и Илири. Значи, ако Античките Македонци не биле Елини, тие најверојатно биле блиски до Пеоните, што значи најверојатно се од Тракиско потекло.

Самата династија на Александар Македонски потекнува од Пелопонез. Митовите за доаѓањето на Античките Македонци го опишуваат нивното движење од традиционалните грчки земји кон нивната локација околу Солун и Пела. Александар Први, 170 години пред Александар Македонски, јасно ја декларирал Македонија како Елинска земја, барајќи допуштение за сопствено учество на Олимписките игри, и, во исто време, вклучувајќи и масовно дополнително зајакнување на елинизирањето на својата земја. Од тогаш Македонците активно учествуваат во сите договори, расправи и собири на елинскиот свет!

И на Филип и на Александар, главна цел им била да го обединат Елинскиот свет и да им се одмаздат на главните непријатели на Елините – Персијците. Сегде ширум светот каде што Александар допрел, сведочат споменици за грчката култура и јазик. Таму каде што оставал записи за себе, почнувал вака: „Јас Елинот Александар… “. Конечно, политичкото и културното наследство што го оставил по смртта, светската историја го дефинира под името Елинизиција на Медитеранот, а грчкиот јазик и култура станале доминантни во тогашниот познат свет.

Не знам каква ДНК носел Александар во своето тело, но, недвосмислено јасно е дека сѐ што работел и сѐ што оставил зад себе било во името на Елините, така што ја направил најголемата услуга на грчката политика, од тогаш па до денес. Односно, преведено на современ македонски јазик, Александар Македонски е најголемиот бугарофил што го познава македонската историја, под услов да потекнуваме од иста крв!

КОЛКУ АНТИЧКА КРВ ИМА ВО НАС

Тоа е, исто така, актуелно прашање и претставува еден од аргументите на аналитичарите. Имено, не е исклучена можноста и да тече некоја капка крв во вените на денешните Македонци, но, под услов, на територијата на Република Македонија да имало Антички Македонци кога се населувале Словените. Да продолжиме, значи, со географија. Античка Македонија, во периодот седумдесетина години пред Филип Македонски, се наоѓала на просторот над Олимп, така што, издолжувајќи се во полумесечина над Пела, свртува кон Солун, завршувајќи некаде кај Халкидик.

Во наредните години, преку разни притисоци и династички спојувања, се проширила приближно до денешната грчко-македонска граница. Тоа проширување се нарекува Горна Македонија. Понекогаш намерно се прават грешки дека Горна Македонија практично е нашата Република Македонија, но, и Долна и Горна Македонија географски буквално се наоѓаат во денешна Грција, со исклучок на земјата на Линкистидите, која бива освоена дури од Филип.

Нетрпението меѓу основната Македонија и Горна Македонија продолжува перманентно, а, исто така, има многу извори што потврдуваат дека Горномакедонците етнички се разликуваат од Долномакедонците. Значи, ако направиме етничка фотографија на Република Македонија наспроти Античка Македонија, одвај некои села близу грчката граница ќе можат да се повикаат на таа традиција!

Поврзани новости