Не дај Боже, Груевци да го пофалат „Фокус“!

by Фокус

Текстот е објавен на 25 ноември 2011 во неделникот „Фокус“ во бројот 856

Пишувал
Никола МЛАДЕНОВ

Денот на дрвото претставува школски пример за манипулациите со кои власта ни ја навредува интелигенцијата веќе шестта година. Прво смислуваат проект со благородна цел, со кој пропагандно нѐ обработуваат до бессознание, сѐ до моментот кога и најнеупатениот ќе разбере дека навистина станува збор за добра работа. Како што е, нели, пошумувањето на земјава. Кој нормален има против пошумувањето!?

Потоа следува вториот дел од манипулативната операција. Со помош на скапо платените мегафони во јавните гласила, власта нѐ убедува дека проектот е уникатен, чиниш никој во светот не засадил фиданка пред доаѓањето на „преродбениците“. За Македонија, пак, ич муабет да не правиме. Затоа, на акцијата не ѝ се гледа крајот. Уште непочната, таа прераснува во регионална, континентална… Разбира се, со Груевци како нејзини лидери!

Кога ќе ни се згади од партиското узурпирање на сѐ што може да се узурпира, сфаќате дека сето тоа било само наивна предигра. Да, секогаш може да биде и полошо. Власта не е задоволна само со напумпаниот партиски рејтинг на државна сметка. Што вреди партискиот рејтинг, ако не капне и троа личен ќар?! Тоа е следниот чин од големата измама.

Мртви-ладни, тие нѐ убедуваат дека 100.000 граѓани преку ноќ станале кадарни за садење пет-шеесет садници во просек. Иако, претходно, медиумите го слават рекордерот, кој засадил едвај 16 фиданки. Значи, и врапчињата знаат дека зад благородната идеја се крие безочен грабеж, но, тоа не ја засега власта. Напротив, таа тогаш шиба во шестта, за да докаже дека сѐ уште не сме стигнале до фазата на повраќање од нејзината расипаност. Точно, кога некој ќе каже дека проектот е параван за крадење државни пари, тој веднаш бидува прогласен за противник на пошумувањето. А тоа е, нели, идејата зад која застанавме сите – консензуално!

Оваа шема се практикува во сите можни варијанти. Деновиве ја видовме при потпишувањето разни апели и протести до меѓународните фактори за зачувување на македонскиот идентитет. Очекувано, сите што се дрзнаа и да помислат дека таквиот ангажман е бесполезен, автоматски беа класифицирани како противници на нашиот македонски идентитет. Имбецилна политика на која не и се гледа крајот.

Особено сега, кога Пастирот ја претстави и комбинираната 2 во 1 метода. Минатава среда, Денот на дрвото одеше во пакет со потписите за заштита на идентитетот. Оди сега, па бојкотирај ја измамата што стои зад садењето недоброј непостоечки, а сепак скапо платени фиданки. Со тоа изгледа стигнавме до врвот на владеачката моронска логика, според која, оној што е против опишаниот епилог на Денот на дрвото, автоматски е противник и на одбраната на националниот идентитет. Помизерно – здравје!!!

За жал, ништо поарно не донесе и божемната желба за дипломатска офанзива во пресрет на денот кога Брисел повторно ќе одлучува за нашата европска иднина. Сите оние што поучени од досегашните недобројни примери, изразија и најмала скепса, в миг беа жигосани како докажани предавници, кои се откажале од името без борба. И, што се случи од тогаш? Кои земји беа зафатени од офанзивата на Арифи и Попоски?

Фала на прашање, првата речиси бесшумно мина ден-два во Брисел, а вториот министер застана само во Данска, и тоа поради фактот дека Данците ќе бидат следниот претседавач со ЕУ. Така, славното лобирање се сведе на писмата што Попоски ги испрати до неговите европски колеги. Тоа ли било нашето тајно оружје за добивање датум за преговори без компромис со Грција?! Од сеопштото, ли, пишување или сенационалната поддршка за министерските писма зависеше успехот на офанзивата?! Како што е расипана, нема да ме зачуди ако власта токму тука ја лоцира причината за дебаклот на нејзинава последна „генијална идеја“!

Сепак, како и во случајот со дрвото, така и во надворешната политика, ништо не е случајно направено. Освен глумењето активност на надворешен план и дискредитирањето на сите што не се согласуваат со нивната јалова политика, Груевци сакаат да ја префрлат одговорноста за нивниот неуспех врз целиот македонски народ.

Откако направија сѐ што можеа за да ја доведат земјата до безизлез, тие најбезобразно решија вината да ја префрлат само на „блудницата европејска“. Кон неа, пак, го пренасочија и гневот народен, за тој да не види, кој всушност нѐ довел во сегашната ситуација. Навистина, народот ли влечеше потези како нарачани за грчкиот интерес?!

Едноставно, сведочиме на најбезобразниот обид на Никола Пастир Груевски и расипаното му друштво, личната неспособност да ја трансформираат во национална фрустрација. Заради добро прочитаните интереси, како во случајот со фамозното садење дрва. И зад оваа голема магла се кријат бизниси, со кои допрва треба да се свртат големи пари во неколку џебови, а народот сѐ уште да верува дека власта е чесна ем патриотска!

Силно се лажат оние што помислиле дека Скопје 2014 е најголемиот ајдуклак, кој можел да ни се случи. Големиот бизнис допрва претстои. Се работи за повеќе од 2 милијарди евра, кои во следните четири години ќе отидат на капитални инвестиции во енергетскиот, железничкиот и автопатниот сектор. Делницата Демир Капија-Смоквица, Чебрен, Галиште, Бошков Мост, гасификацијата, пругата од Бугарија кон Албанија… допрва ќе се градат, меѓутоа, не остана многу до одлуката, кој ќе го собере кајмакот.

Проектите финишираат, за консултанти се лобира, и повторно се се врти околу познатите градежни фаци и докажани министерски „неимари“ кои сѐ некако ја вртат водата кон грчка воденица. Сега за сега – толку, колку да се знае дека будно ќе ги следиме трагите на „домаќините“ кои знаеја за споменици од 150 да наплатат и цели 750 илјади евра од државната каса. Кај се оставаат сами такви луѓе, кои допрва ќе имаат милијарди евра на располагање?!

Меѓу другото, и за таа цел ни требаше дневен „Фокус“. Едно е кога власта ја контролираш неделно, сосема друго кога тоа го правиш секојдневно. И, бездруго, мошне различно за власта е кога тоа го прави Фокус, кој нѐ премолчува две информации за три владини реклами, ниту, пак, можат да го вплетат во било какви матни тендерски зделки или даночни пајажини. Оттаму е, имено, вознемирот што го зафатил Груевски, штом и Миленко се нафатил со „светата задача“ да не „демаскира“. Макар, притоа, излегол смешен ем жален. Што е образот спрема „каузата што не смее да падне“?!

Замислете, колку настинат мора да биде оној што ќе го уверува народот, дека мојот судски процес со Црвенковски во 2005-та бил „измислица“. Демек, ние тогаш сме одглумиле кавга, за денес, во 2011-та, да си се најдеме еден на друг!?

Оти гарант, уште пред шест години сме знаеле дека ќе дојде некој Пастир, кој ќе нѐ доведе до крах во Букурешт ем ќорсокак на патот кон НАТО и ЕУ, па на време сме направиле ситуација, сите да мислат дека сме во кавга, а ние, всушност, заедно да работиме контра „преродбата“.

И, така, не само што Б.Ц. ми ги вратил 32-те илјади евра од срамното судење за швајцарските сметки, туку денес, заедно со Хари Костов, кој ме чини дополнителни 20 илјади евра судска казна, ми дале пари за дневниот Фокус!?

Да, оваа „интелектуална“ операција спаѓа меѓу петте убедливо најдебилни, и покрај жестоката конкуренција во изминативе пет-шест години. Кога би бил еднакво расипан, на Миленко само би му посакал, и него во животот да му бликаат пари како што мене божем ми доаѓале од Бранко и Хари!

Очигледно, дневниот Фокус веќе ја постигнал целта, штом за неговото излегување се „обезбедиле 2 милиони евра“ кои во црни вреќи требало да ми стигнат од Крит или Кипар, сеедно. Не стигнале, де, оти љубената власт на Миленко го оневозможила тоа. А тој е тука, сето тоа да го пролупа во етерот, за да ме девалвира како човек, кој, ете, прави весник со туѓи црни пари.

Се разбира, омиленото мегафонче на Пастирот нема ниту еден единствен доказ за тоа, како што јас имам, и тоа до последниот потребен сопствен денар што неделниот Фокус го вложува во дневното издание. Сепак, за тоа ќе биде детално информиран на суд. Таму ќе дознае, колку е лесно да покренете дневен весник, доколку зад себе имате 17 години успешен неделник и способност за чесно заработување на 10-годишна возраст.

Да, нѐ имало такви, многу пред да се сетат Груевци, со реклами да го будат претприемничкиот дух среде народот, кој таман почна да учи дека само власта знае да се грижи за него. Разбира се, доколку народот ѝ возврати со исклучување на мозокот и неуморно ракоплескање на секоја нејзина глупост.

Затоа велам, не дај Боже такви луѓе да престанат да блујат гадости врз нас. Тоа ќе биде сигнал, дека со нас нешто не е в ред!

Поврзани новости