Александар Бежовски, жртва на „Фамилијата“: Во ДПМНЕ нема јунак што ќе му соопшти на Груевски дека неговата политичка кариера е завршена!

by Фокус

Ова интервју е објавена на 02.04.2016 година, во неделникот Фокус во бројот 1.069

Разговарала
Јадранка КОСТОВА

ФОКУС: Не е лесно да те тужи владејачката партија, со цел да ви ја одземе фирмата, особено кога генералниот секретар е и министер за внатрешни. Како изгледаа овие судски сеанси?

БЕЖОВСКИ: Особено беше тешко да се живее и работи со тужба од страна на владејачката партија, тоа го почувствував особено по победата на парламентарните избор во 2008 година. Тогаш почнаа да го остваруваат проектот за максимална контрола на сите пори на општеството особено судството како една од трите власти. Контролата и влијанието на извршната власт врз судството беше практиката и порано, но по 2008 г. се работеше за проширена и надградена партизација. По изборите во 2011 г., нивната забеганост кулминираше. Притисокот и одмаздничките акции ги доживеавме и видовме сите. Политичките противници беа апсени, фирми се затвораа и преземаа, уништени беа фамилии… се внесе дополнителна доза страв кај народот.

ЈАНКУЛОСКА ГЛУМЕШЕ НЕВИНА ДУШИЧКА

ФОКУС: Се водеа повеќе судски процеси против вашата фирма, и од ДПМНЕ и од фирми блиски на ДПМНЕ, за кои тврдевте дека основна цел е да ви ја згаснат фирмата. Потоа, нели, имотот оди на контото на ДПМНЕ. И сите ли тие процеси беа „сечени, лепени и монтирани“?

БЕЖОВСКИ: Можам да ви предочам еден феномен. Постапките за кои беше заинтересирана фамилијата се одвиваа со филмска брзина. Судиите ми вршеа притисок да бидат преиначени тужбените барања на рочиште, спротивно на Законот за парнична постапка во тоа време, кој подоцна го изменија за да можат да ги добијат судските процеси.

ФОКУС: А тоа можат со леснотија да го сторат, затоа што имаат горди послушници во парламентот. Ама, ете, сѐ да биде „согласно законот“.

БЕЖОВСКИ: Да, тоа им е редовна практика. Потписниците на мениците за верност редовно дигаат два прста за секакви законски измени, кои, по правило, одат во прилог на личните интереси на врхушката. Еве, таков е и последниот пример со предлогот за измени на ЗКП. Кога тие се соочија со кривично гонење, веднаш му најдоа мана на законот со европско знаменце за кривична постапка.

ФОКУС: Изјавивте дека од крајот на ноември 2007 г. сте добивале закани по живот, за да се откажете од уделот во фирмата. Тоа кулминирало со физички напад врз Вас на 20 февруари 2008 година. Случајот сте го пријавиле, имате и белешка, но изостанала натамошна постапка. Од партиската полицијата што ја раководеа Јанкулоска и Мијалков, обајцата од партијата што ве тужи за имотот, очекувавте правда?!

БЕЖОВСКИ: Согласно Уставот и законите, како што милуваше да говори бившата министерка, тоа е адресата каде што мора да се пријават заканите и нападите. Имав неколку средби на таа тема и со неа, но глумеше невина душичка, како и секогаш. Бомбите ја „разголија“ нејзината дволичност. Во секој случај, ме заплашуваа и физички ме напаѓаа, а полицијата беше глува. Обичните полицајци дигаа раменици.

ФОКУС: Кога разговаравме во 2009 година, рековте дека во декември 2007-та сте имале обид за договор со дел од највисокото раководство на ДПМНЕ. Сте им понудиле да најдат човек на кој ќе му го подарите уделот во фирмата. Но, не прифатиле, со образложение дека тоа медиумски лошо ќе се одрази на партијата. Но, очигледно дека серијалот текстови во „Фокус“ не се одразил врз имиџот на партијата? Или, можеби таквите и слични истражувања и анализи, беа повод за замолчување на „Фокус“ преку тужби за клевета, а кон вас со заканите?

БЕЖОВСКИ: Очигледно, а тоа го слушнавме и во бомбите, сите сме жртви на тортурата од главните протагонисти на груевизмот. Методите за справување со неистомислениците и политичките противници се различни, но целта е иста – да нѐ сотрат.

ПОД ПРИТИСОК СЕ ОТКАЖАВ ОД ФИРМАТА

ФОКУС: По првиот текст за вашиот судски спор со ДПМНЕ, рековте дека сте имале средба со премиерот Груевски. Сте му се жалеле за притисоците и заканите, а тој ви ветил дека ќе прекинат, и дека не смее да има вакви работи. И, прекинаа ли?

БЕЖОВСКИ: Физичките закани кон мене тогаш прекинаа, но дел од заслугата оди на контото на американската амбасада во Скопје. Но, тогаш притисоците добија пософистицирана форма во судот и низ институциите. Опструкции доживував на секој чекор каде што имаа инсталирано партиски војници, кои правеа различни сценарија. Како на пример, гаснење струја на објектите во фирмата без причина, погрешна пресметка на данок на имот со баснословно високи суми за објекти што не се во сопственост на фирмата, притисок врз закупците да не плаќаат закупнина или да ги напуштат просториите на фирмата и разни други нехумани ѓаволштини, како експлозија на гранати пред фирмата, лоцирана блиску до Владата, што одеше на насловната на „Фокус“.

Во 2012 година веќе размислував да се отселам за САД, но немав поддршка од мојата, сега веќе поранешна, сопруга. Кон крајот на 2012 година морав да се откажам од уделот во фирмата под енормниот притисок од страна на главните протагонисти во „бомби“, кои експлодираа цели три години подоцна, на почетокот на 2015 година.

ФОКУС: Јавно прашавте тогаш дали Стејт департментот добива погрешни информации од амбасадата во Скопје. Со оглед на фактот дека имате и американско државјанство, реагиравте ли и на друг начин?

БЕЖОВСКИ: Во тоа време ме зачудуваше однесувањето на американскиот амбасадор г-дин Филип Рикер, кој иако добро знаеше за сѐ што се случува во Македонија, дека се кршат човековите права и дека се води национал-социјалистичка економија, односно таа се партизира, сепак зборуваше за напредок во судството и за примена на иновации во бизнисот. Игнорантен беше дека во Македонија фрапантно лесно се крши правото на слобода на говор и правото на приватна сопственост. Пример за ова што го тврдев се преземените фирми, нападите врз новинарите, неразјаснетата смрт на Никола Младенов, но и донесувањето чудни закони со одредби за конфискување имот, практика што е карактеристична за тоталитарни земји. По таа моја изјава за „Фокус“, имав неформална средба со г-дин Рикер, кој ме посоветува дека „материјални добра се стекнуваат, и дека е побитна мојата физичка безбедност, за која се заложи и амбасадата.

ФОКУС: Но, нема последици за тие што ја хранат централата со погрешни информации!? И зошто постапувале така? Намерно ли ги извртувале информациите за состојбата на теренот?

БЕЖОВСКИ: На прашањето дали Стејт департментот добива погрешни информации, врз основа на кои донесува погрешни одлуки за толерирањето на ваквото деградирање на демократијата од страна на нашата влада, мислам дека добивме одговор подоцна кога г-дин Рикер беше деградиран од заменик на заменикот државен секретар во конзул, во Милано.

ГРУЕВСКИ ЈА ИЗГУБИ АМЕРИКАНСКАТА ПОДДРШКА

ФОКУС: Да ве потсетам, Викиликс пред изборите во 2011 г., објави допис на амбасадорот Рикер до централата во кој доста критички се говори за состојбите во судството, за корумпираните Јанакиески и Мијалков, за спектакуларните апсења, за замолчување на противниците… Како го објаснувате тоа, бидејќи сметате дека погрешно го информирал официјален Вашингтон?

БЕЖОВСКИ: Да, Викиликс го објави тоа подоцна, во 2011 година, но останува нејасно зошто толку долго беше толериран Груевски. Во јавноста доминираше впечатокот дека Стејт департментот е погрешно информиран. Всушност, пресвртниот момент во американската политика, врз основа на сознанијата што ги имале, се случи со настапот и говорот на Викторија Нуланд на самитот во Дубровник во 2014 година. Кога јасно порача дека е неопходно расчистување со клептократите што ги уништуваат нашите демократии од Балтикот до Балканот. Според мое мислење, Груевски дефинитивно ја губи американската поддршка со крвавиот настан во Диво Насеље.

ФОКУС: Еден период влеговте во Либералната партија. Уште сте активен или тоа беше само Ваша кратка партиска авантура?

БЕЖОВСКИ: Во 2013 година се кандидирав за градоначалник на Општина Гази Баба од редовите на Либералната партија. Очекував дека ЛП е поинаква партија од ДПМНЕ, но доживеав разочарување. Во 2013 година беше одбиен договор за историска предизборна коалиција со ДУИ и со тоа се пропушти можноста ЛП да добие министер за правда или директор на УЈП. Жално е затоа што се згаснува сериозен бренд со одличен историјат, наратив и потенцијал како ЛП. Сегашниот претседател не понесе одговорност за немањето резултати и отсуство на партијата, како од локалната, така и од централната власт. Не сум активен веднаш по локалните избори во 2013 година.

ФОКУС: Не планирате да се активирате политички?

БЕЖОВСКИ: Во моментов не размислувам за активно враќање во политиката. Ситуацијата е очајна и партиите мора да се реформираат. Не постои внатрепартиска демократија и постои поделба на елита и плебс. Во ДПМНЕ елитата е составена од третите ешалони на другите партии, како ДА, СДСМ, а обичните вистински членови се претворени во обична безгласна маса, која мора да слуша, да носи гласови и да ја поддржува политиката и интересите на елитата што е бајаги забегана.

ДПМНЕ Е СО ФАБРИЧКА МАНА КАКО КРЕАЦИЈА НА СДБ

ФОКУС: Каде го гледате дефектот што ДПМНЕ стана промотор на вакви антидемократски политики и гебелсовштина?

БЕЖОВСКИ: ДПМНЕ има фабричка мана при самата креација од страна на СДБ во 1990 година и не може никако да се оттргне од тоа влијание, како ни од етикетите за филствата и инфилтрациите на тајните служби од соседните држави, и тоа директно и спротивно на државните интереси на Република Македонија. Од причина што партијата е креирана од службите, борбата за наследник на „тронот“ на Груевски ќе биде многу насилна, толку што дури и конгресот во Охрид во 2003 година, како и настаните од „Панорама“ во 2004 година ќе изгледаат безопасно.

ФОКУС: Кога ќе се избира наследник на Груевски? Сакате да кажете дека тој е бивш политичар?

БЕЖОВСКИ: Неговата оставка од премиерската позиција е само најава за неславниот крај на неговата политичка кариера. Само што во ДПМНЕ нема јунак што ќе му ја соопшти реалноста, барем заради евентуален спас на партијата.

ФОКУС: Груевски беше избран по препорака и силна поддршка од претходниот претседател Љубчо Георгиевски. Дали и Груевски ќе одбере свој наследник во партијата, како што тоа го стори со Емил Димитриев во владата?

БЕЖОВСКИ: Ќе биде погубно за партијата повторно лидерот недемократски сам да наметне наследник. Тоа ќе биде точка за почеток на реформа на ДПМНЕ во демократска партија, чекор што ќе мора да го следат сите останати партии.

ФОКУС: Веќе не се плашите од закани и уцени, штом еве повторно излегувате во јавност? Ве охрабри ли Специјалното обвинителство?

БЕЖОВСКИ: Не им се плашев кога беа најјаки, а не, пак, сега кога огромен број луѓе им немаат страв. Се охрабрија многумина од бомбите, кои им го урнаа ореолот на чесност и наводна приврзаност кон демохристијански вредности. Можам да кажам дека се обидувам да заборавам на минатото, на стравот, уцените и на заканите и да продолжам со животот понатаму. Во блиска иднина планирам да отворам адвокатска канцеларија.

ФОКУС: Работите во Управата за извршување санкции, па може ли по ова интервју да бидете прогласен за прекуброен?

БЕЖОВСКИ: Ова ќе биде уште еден тест за нивото на македонската демократија, но и дали нивната одмаздољубивост прогресирала по бомбите.

БОМБИТЕ ЈА ПОКАЖАА ЗАБЕГАНОСТА НА НАШИТЕ МАЧИТЕЛИ

ФОКУС: Морам да ви признам дека кога го истражував и го анализирав Вашиот спор со ДПМНЕ, тогаш ми изгледавте малку параноично. Дали „бомбите“ сега ве смирија, на некој начин, затоа што не сте биле само Вие под притисок на фамилијата на власт?

БЕЖОВСКИ: И други ме обвинуваа дека сум параноичен и дека измислувам, но вистината е како шило, нели? Целата јавност имаше можност да се запознае со личноста и делото на нашите мачители од „бомбите“, кои експлодираа силно, откривајќи ја, како што сами кажуваат, нивната „забеганост“ и монструозност, барања за „проверки“ на сопруги, планови за палење имот, констатации дека треба да убијат 10 луѓе во државава итн.

ГО ИЗВЕСТИВ ГОШЕВ ЗА КРИМИНАЛОТ СО МАКЕДОНСКА БАНКА

ФОКУС: Преку Вашата фирма, за која водевте битки со ДПМНЕ, дојдовте до сознанија и за сомнителни зделки на Македонска банка. Како ја коментирате снимката од телефонскиот разговор меѓу Груевски и Ден Дончев, ама и целата обвинителско-судска циркусијада потоа?

БЕЖОВСКИ: За содржината на тој разговор немам никакви сознанија. Но, и во овој случај се потврди дека обвинителство и судството се во функција на интересите на врхушката. Инаку, за Македонска банка, летото 2007 година, пред ликвидацијата, со допис го известив гувернерот на НБРМ за сите мои сознанија за незаконски активности поврзани со продажбата на седиштето, префрлањето и данокот. Се надевам дека сум му помогнал на ексгувернерот да донесе решение за ликвидација на ова банка. Ја користам оваа пригода да му се заблагодарам на Петар Гошев за исправната и многу храбра одлука, и покрај сите притисоци од властите во тоа време.

Поврзани новости