ДУИ и ДПА категорично се спротивставија на усвојувањето на измените на законите за лична карта и за живеалиште и престојувалиште.
– Нема да ги гласаме овие закони. Нашиот став е дека имаме концептуални разлики со коалициските партнери. Во наредните денови ќе разговараме за овие прашања – рече пратеникот од ДУИ, Рафиз Алити.
Во однос на тоа, тој и пратеникот Џеват Адеми ќе започнат разговори со пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски и Зоран Илијоски.
Од ДПА, пак, сметаат дека „интегративците“ манипулираат со јавноста и играат двојна игра.
– Министрите од ДУИ во владата гласаа за овие антиалбански закони, како што гласаа и за законите за уставни измени и за државен грб, а потоа изигруваат патриоти кои наводно со амандмани ќе му се спротивстават на ВМРО-ДПМНЕ – изјави Газменд Алиу, пратеник од ДПА.