На Ставриќ ќе му се суди повторно, Апелација ја укина затворската казна од една година

by Fokus

Скопска Апелација ја укина пресудата за очниот хирург Дејан Ставриќ, кој доби една година затвор, дека наводно земал мито од 2.000 евра, за да посредува при добивање на инвалидска пензија и случајот го враќа на повторно судење. Новиот судски процес е закажан за 7 април.

Во решението, кое го добила одбраната на доктор Ставриќ, се наведува дека Апелација ја уважува жалбата и ја укинува пресудата.

– Случајот се враќа на повторно судење на првостепениот суд. Се укажува дека Кривичнот суд сторил битни повреди на одредбата на кривичната постапка со упатство, како да ги утврди фактите и околностите за донесување на правилна пресуда – се наведува понатаму во решението.

Во мај лани, Основниот суд Скопје 1 донесе пресуда од една година затвор за очниот хирург, откако за само едно рочиште судскиот совет успеа да ги сослуша обвинетиот и сведоците, да ги разгледа доказите,  и да донесе пресуда.

Додека до неодамна судските саги траеја со години, сега, судиите повикувајќи се и постапувајќи по новиот Закон за кривична постапка, завршуваат експресно, се во еден ден. Па така, за неколку часа, судот одлучи дека Ставриќ е виновен и дека треба да добие затворска казна.

До правосилноста на пресудата, тој се бранеше од слобода, а неговата одбрана ја обжали пресудата.

Поврзани новости