Алаѓозовски: Хајката кон мене за објавата на книгата од бугарската авторка е примитивен обид за цензура на културата

by Fokus

Поранешниот министер за култура, Роберт Алаѓозовски вели дека додека трае расправата во собраниската комисија за Стратегијата за развој на концептот за едно општество и интеркултурализмот и таа натежнува кон прифаќање на оваа стратегија, тој станува предмет на специјална пропагандна војна на оцрнување.

-Во изминативе два дена во Собранието ја дискутираме исклучително важната, пионерска, Стратегија за развој на концептот за едно општество и интеркултурализмот. И додека расправата во собраниската комисија натежнува кон прифаќање на оваа исклучително важна стратегија, јас станувам предмет на специјална пропагандна војна на оцрнување, вели Алаѓозовски.

Тој тврди дека хајката кон него за објавувањето на книгата од бугарската авторка, објавена пред четири години,  е примитивен обид за цензура на културата, обид да се убие дијалогот и размената на различни ставови и мислења меѓу нашите две соседни држави, меѓу нашите народи и култури.

-Оваа хајка наликува на почетоците на најцрните нацистички прогони против издаваштвото, кои завршуваа со масовни палења на книги. Ја спроведуваат оние, во чие време почнаа да се продаваат нацистички книги по супермаркети.Издавачката куќа „Готен“, чиј основач сум, објави книга која и овозможува на македонската јавност да ги осознае подетално и посуштински ставовите и позициите што ги гради дел од бугарската интелектуална и културна заедница за бугарско-македонските односи, вели тој

Тој појаснува дека низ еден уметнички а не академски запис, низ призмата на една истакната авторка и уметник,  македонската јавност да добие појасна слика за тие ставови, надвор од вообичаените политички и медиумски шаблони нарации и пораки што одекнуваат во двете земји. Слушањето на ставовите и размислувањата на другиот не значи согласување со изнесените ставови, туку само можност да се разбере подобро позицијата на другиот.

-Ние ги охрабруваме издавачите во двете земји да ни се приклучат, и да имаме што повеќе можности да дознаеме едни за други, за нашите култури, уметнички визии, уверувања, за нашите ставови, стравови, стереотипи за „другиот“. Културниот дијалог може само да придонесе тие разлики, стравови и анимозитети да се надминат, а ние заедно како соседи да зачекориме кон една подобра иднина за целиот регион. Културата секогаш била таа што ги гради мостовите меѓу народите, така било, така и ќе остане, вели Алаѓозовски.

Во издание на издавачката куќа „Готен“ од Скопје, чиј основач и сопственик е Роберт Алаѓозовски,  национален координатор за култура во Владата на Македонија, испечатен е роман на околу 500 страници со наслов „Бежанци“ од бугарската писателка Весела Љахова.

Во предговорот на авторката, кој исто така е преведен од Алаѓозовски, меѓудругото стои дека „романот опишува реални историски настани од Драмското востание од 1941, дебугаризација на Егејска Македонија по Втората светска војна, трагичната судбина на бугарското малцинство во Грција до средината на ХХ век“, подвлекувајќи дека „бугарските жртви во истиот настан се осудени на заборав“.

Во продолжение на овој авторски предговор пишува дека „страдањето на илјадници Бугари заслужува да биде обмислено, усвоено и да се претвори од траума во историско и емоционално искуство“.

Понатаму, во предговорот, кој авторката го посветува на бугарскиот народ во Егејска Македонија, стои дека тој треба да „посведочи за потомците на оние Бугари, кои пред децении преточитале да останат на своите родни огништа како граѓани на грчката држава“, но и „дека не се заборавени и дека преку нивните дедовци се дел од бугарската татковина“.

Драмското востание е кренато на 29 септември 1941 година од стана на македонскиот и грчкиот народ против бугарската окупација.

Како резултат на востанието биле убиени околу 3000 лица од грчко-македонска страна и 211 од бугарската.

 

 

 

Поврзани новости