Активно работиме на изнаоѓање решение за ФИНКИ, велат од Владата

by Fokus

„Владата е во континуирана комуникација со раководството на Факултетот за информатички науки и компјутерско инжинерство при Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“- Скопје и во тек се активности за изнаоѓање времено решение во врска со обезбедувањето соодветен простор за спроведување на наставата на Факултетот, како и реализација на трајното решение“ информираа попладнево од Илинденска број 2.

Оттаму информираат дека „владата покажа дека е цврсто определена кон изнаоѓање решенија за какви било предизвици низ дијалог со сите засегнати страни и на тој начин е пристапено и кон ова прашање“.

„Владата информира дека е одлучна да обезбеди достоинствени услови за настава на студентите на ФИНКИ во предвидениот нов современ објект кој започна да се гради во 2015 година и активно работи на надминување на проблемот што се појави поради стечај на фирмата – изведувач на градежните работи. Се очекуваат извештаите од ревизијата на проектот и проценката на извршените активности од договорот коишто се во надлежност на релевантни органи, по што веднаш ќе се пристапи кон избор на нов изведувач, што целосно и во ефикасна процедура ќе го изгради новиот објект на Факулетот за информатички науки и компјутерско инжинерство“ се вели во соопштението.

Денеска, и министерот за образование и наука – Јетон Шаќири изјави дека добил негативно мислење бараките во кои се сместени вработени на Бирото за развој на образование да бидат отстапени на ФИНКИ, чие раководство и студенти бараат соодветен простор за работа.

– Јас овие информации ги имам доставено до ФИНКИ дека моментално треба да се најде решение за Бирото за развој на образование. Тие бараки би биле времено решение за Факултетот, истакна Шаќири одговарајќи на новинарски прашања на интерактивен настан за климатска акција и образование за животната средина во Градскиот парк. Во двата претходни буџета не се обезбедени тие дополнителни средства, но се обезбедени дополнителни средства за ФИНКИ да има повеќе простории во Технолошко-технички факултет, кои се прилагодени и со буџетот на ФИНКИ и со буџетот на МОН – рече Шаќири.

Поврзани новости