Актерката Ристиќ експресно сменета, Сашо Миленковски нов претседател на Синдикатот на Драмски

by Фокус

Актерката Ирена Ристиќ денеска експресно беше сменета од претседателка на синдикатот во Драмскиот театар, откако само пред една недела беше избрана на оваа позиција. Наместо неа, за прв синдикалец е избран режисерот Сашо Миленковски.

Претходно, Ристиќ беше избрана за синдикален претставник на состанок на кој беше предложена од шестмина вработени, а на кој ја изгласаа вкупно 27. Овој пат на состанокот присуствувале 32-ца вработени.

Во меѓувреме до неа стигнало писмо од СОНК каде и било речено дека е неподобна за да го претставува синдикатот. Освен писмото, против неа до СОНК биле поднесени неколку приговори.

– Сашо Миленковски е новиот претседател на СОНК во Драмски. Секако, не беше едногласно избран. Али, ете, честитки. Да живеам јас, иако прогонета дури и како член. Да живее Македонија, како – така – напиша актерката на својот фејсбук профил неколку часа по нејзината смена.
‪‬
Ристиќ  пред една недела, на 2 јуни, едногласно беше избрана, но, веќе два дена подоцна, на својот Фејсбук профил, се пожали на обиди за оспорување на изборот.

„Самостоен синдикат за образование, наука и култура на РМ!!! Така се вика! Значи, САМОСТОЕН!!! Тоа му е функција, определба и цел! Борба за правата на работниците! САМОСТОЕН!!! СОНК не е ВМРО, па да си играме послушност! Бедни, мизерни и очајни сте и вие и вашите обиди за оспорување на мојот избор за претседател! А ако ви успее, само ќе ги потврдите горенаведените епитети кои несвесно и со гордост ги носите!! Јас немам што да изгубам и не се предавам, да си знаете!!! Уште немам депонирано потпис, а веќе цвикате!!! Лет д гејмс бигин – напиша Ристиќ на 4 јуни на својот фејсбук профил.

Таа во последниот период е активна во борбата против рушење на оваа власт, кампува во Кампот на Слободата веќе трета недела, а заедно со нејзиниот колега Владимир Лазовски го водеше опозицискиот протест на 17-ти мај.

 

Поврзани новости