Познатата актерка Билјана Танески, која што моментално работи во народен Театар Охрид, и зад себе има голем број на улоги во познати филмови, вели дека се надева како Шарената револуција ќе донесе тотални реформи во нашиот систем. Според неа, одамна не се прават представи во театарот кои што немаат врска со режимот и со власта, и на целата земја и е нанесена голема штета на секое поле. Отворено им порача на сите од власта да си одат, бидејќи не ги исполниле своите ветувања кои што му ги дале на народот.
“Живеам помеѓу запад и Балкан. Животот во кој многу нешта имам видено, доживеано, изживеано, пропатено, имам видено и многу среќа, знам што е да се има, а и да се нема, знам што е став, принцип, знам што е и страв, немаштија, а и МОРАЛНА СМРТ, за која што сум сигурна дека е дефинитивна дијагноза за нашиот кутар народ, сега и во овие мигови … Знам..!!! Ова што моментално се случува кај нас, е еден од најжалните ама и по се изгледа најодлучните периоди, кога едно е сигурно: НЕМА ПОВЛЕКУВАЊЕ!!! Би сакала да раскажуваме само убави нешта, јас сум актер, сонувам, летам, креирам… Невозможно, навистина невозможно.
Престанавме да бидеме она за што сме створени, осудени сме да го проследиме она што поранешниве не успеале.
Кога пред некоја година падна тема за нашава ситуација, јас, искрено кажано, не сакав да коментирам, бидејќи се третирам како луд уметник, а не болен политолог. Дојде време и тоа да станеме… се се одалечи од нормалното, а така убаво, пред само некое време наназад, истите тие сега што се на власт, ни раскажуваа соништа на чисто јаве, така да сум дефинитивно збунета, шокирана од сето ова. Кога се спомнува патриотизмот, се верува, се учи, се открива историјата на татковината на еден, па и така мал на број, а така напатен со векови народ, што сум непријатно изненадена од фактот дека безсрамно е корумпирана масава која што уште може да поверува во будалаштините и невоспитаноста на лидерот Никола Груевски кој што безсрамно, а сепак со крената глава и понатаму се обидува да направи до последно, ментални калкулации.” – вели актерката која што шеснаесет години живееше и работеше во Италија, пред да се врати во родниот Охрид.
“Македонија живее тешка агонија! Запрен е просперитетот, запрена е моќта на креативното, нашиве деца ден не виделе, а толку многу им беше ветувано. Мислам дека се работи за болни амбиции и проклетата моќ која што им дојде преку ноќ на сите тие по ред. Не се чувствувам компетентна, но ќе кажам нешто како обичен лаик. Мислам дека е редно да си заминат сите по ред, од прв до последен! Ништо не и дадоа на Македонија, ветувањата не се исполнети, но затоа џеповите им се полни, проследија до последно злоупотреба на институциите во пресметка со тие што не мислат исто, посеан страв и супресија, а исто така, пропаганда која лажно го претставува, него и целава тајфа со невидени успеси во која дел од граѓаните веруваат. Зарем е можно?! Дали сме свесни колкава штета и трошок е нанесено над целава кутра наша земја… Незнам од кога не е направена представа во тетарот, а да нема врска со режимот и власта! Незнам кај отидоа сите тие големи таленти, каде отиде желбата да ја преставуваме моќта на недопирливото, а, да…знам каде отидоа многуте од нас… Во лажно – пригодни и добро нафатирани фотељи… Таму отиде моќта на актерот, зборувајки од мојава точка на гледиштата.
Се радувам и делам ентузијазам со Шарената Револуција, ја препознавам идејава, а и болкава, ја препознавам и интелегенцијата која што веројатно многу им пречи на новопечените диктатори, новопечените директори итн… Се надевам на тотална реформа која што ќе донесе иднина за која сонуваме.” – изјави за “Фокус” актерката која што на публиката и е позната по улогите во филмовите “Македонска сага”, “Ангели на отпад”, “Македонија може”, “Бог да ги убие шпиуните”, “Деца на сонцето” и многу други.
Моментално работи на новиот филм “Златна петорка” кој што треба да биде завршен во август.
Вики Клинчарова