Дел од актерите од Театарот за деца и младинци одлучија јавно да го изразат својот револт од директорот Братислав Димитров, кој преку маркетинг секторот на Театарот вршел опструкции на младинската сцена.
-Имено, Братислав Димитров од самото негово назначување на функцијата, директор на институцијата, се обидува перфидно и со подмолни постапки да ја опструира работата на младинската сцена, а со тоа опструира и девалвира дел од програмата на „сопствениот“ театар и секако го омаловажува трудот кој ние како актери и целата екипа сме го вложиле во продукција и реализација на тие претстави. Основната „алатка“ со која маневрира, директорот, е маркетинг секторот на институцијата кој упорно (и по сите наши повици и интерни состаноци) се оградува од промовирање и „продавање“ на претставите од младинската сцена со изговорот: „Директорот рече дека немаме обврска да ги продаваме тие претстави…“. И потоа е „нафрлена идејата“ за нивно симнување од репертоарот бидејќи биле недоволно посетени, се вели во соопштението од актерите.
Актерите велат дека оваа перфидна игра на директорот ќе доведе до згаснување на единствената младинска сцена во државава, која се обраќа на конкретна публика и е од круцијално значење за надоградување и развој на оваа публика кај нас. Истовремено тоа е сцена која им помага во професионалниот развој и надоградување и на актерите.
„Очигледно некому не му се допаѓа тоа што моментално младинската сцена е активна и гласно говори за општествените проблеми во државава. Очигледно некој носи лични или нарачани одлуки кои несомнено му штетат на угледот на ТДМ, а и на самиот актерски колектив кој вложил огромен труд во подготовка и реализација на овие претстави. Очигледно некој се обидува да влијае и да го разедини актерскиот колектив кој е сплотен и многу добро разбира кога одредени субјекти сакаат немилосрдно да ја деградираат неговата работа. За крај повторуваме дека се обидовме во неколку наврати проблемот да го решиме со интерни состаноци и дописи, но нашите барања беа игнорирани и без конкретно објаснување отфрлени од сите релевантни структури во институцијата.
Поради овој некоректен и потценувачки однос се одлучивме да се обратиме до вас – медиумите. Нашата цел е јавноста да биде запознаена со самоволието на луѓето кои наместо да управуваат со „Театарот за деца и младинци“ и да ја унапредат неговата програма, се обидуваат да уништат веќе постоечки програмски постулати. Театарот е, а и во иднина ќе биде, место кое освестува, критикува и едуцира.
Бојан Кирковски, Ненад Митевски, Емра Куртишова, Мики Анчевски, Мартин Јорданоски, Наташа Петровиќ, Владимир Лазовски Драган Довлев, Симона Спировска, Катерина Илиевска- Силјановска“