Акомодативниот карактер на македонската економија – солидна основа за стабилна 2021 и раст во 2022 година

by Fokus

На почетокот на март бев затекнат среде Франкфурт од информацијата дека светот влегува во фаза на пандемија на корона вирус, како една глобална човечка трагедија на 2020 година. Тоа беше ужас. Имено, и тогаш и сега, сум на мисла дека како општество ќе се справиме со кризата. Но, она што треба да се стави во фокусот најмногу е економската превенција. Акцијата што ја преземаат здравствените власти за да спречи и да се надмине кризата, особено да се надмине крахот на здравствениот систем е храбра и неопходна. Во тие напори, тие мора да бидат поддржани. Тука да нема дилема. Кој и да беше на тоа место ќе беше исто…

Сепак, не треба да заборавиме дека сѐ уште жестоко целиот свет живее под окупација на вирусот, особено се појавија неповолни економски остварувања и кај развиените, но и кај брзорастечките економии. Практично, по низа години на светски економски подем, висока доверба, изобилство од ликвидност и ниски каматни стапки, финансиските власти во Европа се соочуваат со најголемиот предизвик досега. Ако се погледне официјалниот извештај на ММФ, во нивните проекции ќе се забележи пад на глобалната економска активност во 2020 година од 4,4 отсто или ако милувате со други зборови, глобалната економија влегува во рецесија (јас би додал – краткотрајна). Истиот извор додава и охрабрувачки предвидувања за 2021 година, каде што се очекува закрепнување и глобален економски раст од 5,2 отсто. Од ова, се поставува прашањето, на што се должи таквиот пад на глобалната економска активност во 2020 година од 4,4 отсто?

Негативната стапка на раст во земјите од еврозоната е резултат на влијанието на слабите реализации во првата половина на годината. Таму беше забележан пад на економската активност и до нешто помалку од 15 отсто за оваа година. Ако на ова се има предвид дека земјите од еврозоната, со особен осврт на Германија, се наш најзначаен трговски партнер, со право, кај нас рефлектира и може да се констатира состојба на рецесија. Но, таквите слаби остварувања во првата половина на годината се компензираат со посилното закрепнување на дел од економиите од еврозоната во третиот и особено сега во четвртиот квартал. За сметка на тоа, иако со изразено надолни ризици, проекциите на ММФ (од минатиот месец) упатуваат на оптимизам и очекувања за закрепнување и глобален економски раст од 5,2 отсто во 2021 година. Следствено на тоа, македонските проекции се во иста насока. Тоа беше презентирано деновиве во анализите и проекциите на нашите монетарни власти.

Имено, пред објективно да ја коментираме анализата на акомодативниот карактер на македонската економија, на мисла сум малку подлабоко да навлеземе во бројките на земјите од еврозоната, кои се наши најголеми трговски партнери. Зошто? Затоа што рецесијата е во голем дел е реакција на причинско-последичните односи на македонската економија наспрема земјите од еврозоната. Тука да нема дилеми.

Оттука, ако се знае дека земјите од еврозоната во вториот квартал од годината забележа реален годишен пад од нешто помалку од 15 отсто (или во официјалните извештаи таквиот пад изнесува 14,7 отсто) со особена изразеност на намалување на инвестициите и силен пад на извозот и увозот на стоки и услуги, со право може да се извлече констатацијата дека тоа рефлектираше со стапка на двоцифрен пад на македонската еконoмија во текот на вториот квартал на годината. Ако се оди подлабоко во анализата, ќе се види дека падот на економијата беше најголем во: Шпанија, Франција и во Италија. Но, во проекциите на Европската централна банка, од изминатиот месец, има малку намалена проекција за годишниот пад на економијата и тој процент изнесува околу 8 отсто реален годишен пад на БДП во еврозоната и проекции за закрепнување за следната 2021 година од нешто повеќе од 5 отсто. Ова упатува на констатација дека состојбата со негативните ефекти од пандемијата на ковид-19 врз економијата ќе се стабилизира во 2022 година и еврозоната ќе биде со стапки, кои укажуваат состојби на експанзија на ниво од пред кризата.

Како последица на негативните ризици од кризата со пандемијата и негативните трендови на земјите од еврозоната, анализата на акомодативниот карактер на македонската економија покажува дека земјата се наоѓа во „доба на рецесија“ со пад на економијата (БДП) од 4,9 отсто согласно проекциите и независното мислење на монетарната власт. Додека, пак, таквите проекции даваат бројки на делумно закрепнување во 2021 година и раст во 2022 и во 2023 година.

Според тоа, моето мислење е во насока на ваквите проекции и во него преовладуваат само позитивни ризици и прогнози. Поточно сметам дека постои можност да дојде до побрзо економско закрепнување. Тоа е така, од две клучни фактори, и тоа:

Прво, најважно – во текот на првиот квартал во 2021 година, бргу по преземањето на позицијата претседател на САД од страна на Џо Бајден, очекувам да дојде до побрза масовна употреба на вакцината (германско-американска) и подобрувања во медицинскиот третман воопшто;

Второ, не треба да не плаши оваа краткорочна состојба на актуелна рецесија поради фактот што стабилноста на банкарскиот сектор е силно изразена. Во изминативе години, ние во АБИТ доста пишувавме, а еве ден денес, се наметна како пресудна и важна, успешноста и профитабилноста на секоја од комерцијалните банки во македонскиот монетарен систем. Денес, тоа претставува мошне важно прашање, кое го привлекува вниманието на фискалниот и монетарниот менаџмент. Како што истакна и монетарната власт кај нас, најновите оцени за кредитниот пазар во периодот на проекции упатуваат на поголема кредитна активност во 2020 година од очекуваната и задржување солидни стапки на раст во наредните три години. Тука морам да ја истакнам и улогата на Народна банка. Имено, таа од самиот почеток на кризата (втората половина на март) е активен чинител преку стабилна конструкција на услови за намалување на цената на парите (читај: кредитите од банките), но и активен чинител на ликвидноста во системот.

проф. д-р Синиша Наумоски, директор на АБИТ и сертифициран професор за контролинг на германската високообразовна установа во Скопје – Хајделберг Институт

Поврзани новости