Србија инсистира на формирање Заедница на српски општини во Косово

by fokus

Директорот на српската владина Канцеларија за Косово, Петар Петковиќ, изјави дека Белград повторно, во новата денешна рунда дијалог со Приштина, инсистирал на прашањето за формирање на Заедницата на српски општини (ЗСО) и дека се разговарало за имотно-правните и финсиски побарувања, јави дописникот на МИА од Белград.

-За нас, ЗСО е клучно прашање и ако зборуваме за успешно продолжување на дијалогот, потребно е да се формира ЗСО, изјави Петковиќ по новата рунда на техничкиот дијалог во Брисел, со посредство на претставникот на ЕУ, Мирослав Лајчак.

Петковиќ оцени и дека е добро по седум и пол години да се зборува за имотните и финансиски побарувања.

-Тоа е многу чувствително, големо и сложено прашање. Со оглед на тоа што позициите на Белград и Приштина во однос на имотните и финансиските побарувања се многу далечни, она што го предложивме е прво да се утврдат принципите, објасни тој.

Петковиќ посочи дека белградската делегација дошла на состанокот со подготвена документација и предлози со цел да се воспостави систем на принципи, механизми и тела за да може да се зборува конкретно за сопственоста.

-Важно е да се утврдат механизмите и приодите. Кога велам дека имаме апсолутно спротивни ставови, тоа се позициите каде што Приштина дејствува со своите интереси и гледишта, а Белград рационално и реално, смета Петковиќ.

Поврзани новости