Пописот кој власта на сила го турка среде пандемија нема за цел да биде статистичка операција, туку фингиран попис кој ќе биде резултат на политички пазарења на СДСМ и ДУИ, обвинува опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Тие бараат повлекување на овој закон и носење на нов со консензус . Најавуваат дека ако власта го изгласа законот на сила, тие ќе собираат потписи од граѓаните за да го поништат овој закон и да се донесе нов.
-Во ниту една демократска земја не постои попишување без докази, само со диктирање на матични броеви и два врзани потписи, но тоа ќе го има во Македонија затоа што Зоран Заев има таков договор со ДУИ за бројка на одредени етнички заедници која однапред е договорена. Токму затоа и власта ги одби сите амандмани кои имаа за цел да се спречи пописниот фалсификат на власта, а токму затоа и не сакаат попис со отисок од прст, затоа што само така може да се знае реалната статистика која на СДСМ и ДУИ не им влегува во пазарот, обвинува опозицијата.