Градоначалникот на Дојран, Борче Стамов, ќе ја спасува туристичката сезона со Пиво Фест и со кајаци и скутери на вода годинава, а веќе од наредната година и со брод кој што ќе плови во езерото и ќе биде со капацитет за 50 лица.
Како што информираше градоначалникот, во Дојран веќе започна изнајмувањето на кајаци, кои што ги има десет на број, и три скутери за вљубениците на водените спортови. Цената на кајакот е 30 денари од час, а на скутерот 600 денари од час. Според Стамов, туристите започнале да се враќаат во Дојран и бил задоволен од посетеноста.
Освен новините за оние кои што уживаат во водените спортови, за време на викендот Дојран најавува забава и за љубителите на пивото и музиката. По стапките на својот колега, прилепскиот градоначалник Марјан Ристовски, оваа година и во Дојран ќе се одржи Пиво Фест, кој што ќе трае два дена, лоциран на плоштадот ,,Под јаворите,,.
Општина Дојран и ,,Иноватива,, ветуваат незаборавна забава со повеќе музички имиња од земјава, и пиво и скара по пристапни цени.
Гостите ќе ги забавуваат Даниел Кајмакоски, Наум Петрески, Слаткаристика, оркестарот ,,К,смет,, и бендовите ,,Риплеј,, и ,,Блекберис,, првата фестивалска вечер, а втората ќе настапат Ристо Самарџиев, Влатко Илиевски, Џамбо Агушев со оркестарот и Марко Логут.
Вики Клинчаровска