На 12-ти април жителите на Општина Неготино на гласачките ливчиња да напишат – Стоп депонија, и со тоа да го искажат својот револт за одлуката на Советот за нераспишување на референдум – порачуваат на социјалните мрежи револтирани граѓани, по завршувањето на седницата на Советот вчера, каде како точка од дневниот ред се разгледуваше Предлог за распишување на референдум на локално ниво, за кој градоначалникот Тони Делков и советниците од СДСМ се изјаснија дека е беспредметен.
Жителите на Општина Неготино се револтирани откако на седницата на Советот која се одржа вчера не беше одреден датум за референдум против депонија за индустриски и инертен отпад.
Според градоначалникот Тони Делков и советниците од СДСМ референдумот е беспредметен и ќе предизвикал големи финансиски трошоци. И покрај тоа што по иницијатива на здружението на граѓани Ековита беа собрани над 3.200 потписи, според закон потребни за распишување на референдумот, градоначалникот убедуваше дека одлуките за депонијата се поништени и нема потреба од референдум.
-За беспредметно прашање треба да потрошиме околу 100.000 евра, отприлика, а не се ни знае исходот на референдумот. Ако излеземе на референдум и не добиеме 8.000 гласа, што правиме потоа? А второ, кога ќе испаднеме, гласате за нешто кое што не постои. Референдумското прашање е –Дали сте за изградба на депонија за индустриски инертен отпад и други слични загадувачи на територијата на Општина Неготино. Кои се тие други загадувачи? Какво е тоа прашање? Кој ќе процени кој е загадувач? Ова е сосема различно од тоа за кое што се собираа потписи. Ќе ги мачиме пак граѓаните, кога се укинавме? Не е целта да го малтретираме народот. Ако некој сака сам да се промовира нека си направи сам здружение. Не мора сите во Ековита да имаат исто мислење. Ние го исполнивме бараното. За беспредметно прашање да се потрошат 100.000 евра, а не си ни знае исходот – појаснуваше Делков.
-Очекував денес да кажете да не им правиме трошоци на граѓаните, нема да има депонија, да не пофалите, а не да не критикувате. Мислам дека целта беше тоа, ако не е, продолжете со политика – тврдеше градоначалникот.
Ставот на советниците од ВМРО ДПМНЕ, искажан на седницата е дека референдумот е единствениот начин во иднина да се заштитат генерациите, дека нема понатаму да се повтори нешто слично, односно дека никоја власт на било која локација на општината нема да дозволи отворање на депонија. Порачаа дека не треба да се гледа само трошокот, туку да се мисли на здравјето на народот и животната средина.
Од Ековита остануваат на ставот дека Советот според закон е должен да одреди датум за одржување на референдум. -3.323 граѓани на Општина Неготино не значат ништо за поголемиот дел од советниците на советот на општината. На ден 29.01.2020 беше свикана вонредна седница на која точката од дневниот ред ,,Разгледување на Предлог за распишување на референдум на локално ниво” беше изгласана за БЕСПРЕДМЕТНА точка – информираа од здружението.
На социјалните мрежи граѓаните бараат локалната власт да го почитува нивниот глас и волја искажани преку граѓанската иницијатива. Бараат итно да се одреди датум за референдум, а на страницата на здружението Ековита веќе започнаа да споделуваат објави во кои го повикуваат народот на изборите во април, на гласачкото ливче, наместо да го заокружат својот политички избор, да напишат – Стоп за депонија, и да го искажат својот револт за нераспишување на референдумот, за кој многумина претпоставуваа дека ќе биде распишан за време на изборите, со цел да се избегнат дополнителни трошоци.
Според Ековита, се уште има надеж градоначалникот и советниците да одредат датум за референдум. -Рокот за одговор на граѓанската иницијатива е до 13 –ти февруари, времето си тече, ќе има одговорност доколку не се одговори. Законот е на наша страна. Народниот правобранител ја следи целата постапка во Неготино и соодветно ќе реагира – е нивниот став. Како потсетување, проектот депонија за индустриски и инертен отпад беше стопиран поради негативно мислење на Државното правобранителство.
Според правобранителството, негативно мислење е дадено бидејќи огласот за продажба не соодветствувал со одлуката на Владата, и не бил испочитуван Членот 75 од Законот за градежно земјиште. Но, според решението, тоа не значи крај на проектот депонија, туку напротив, во решението има поука за жалба во рок од 15 дена до Министерството за транспорт и врски.
Од компанијата П&П која која била единствен понудувач и со која била завршена продажбата на државното земјиште по цена од 500.000 евра, најавија дека ќе го обжалат решението. Затоа, граѓаните сметаат дека референдумот е единствена гаранција дека во општината нема да се дозволи изградба на депонија или пак на било каква тешка и загадувачка индустрија во иднина, на било која локација. Стравувајќи за своето и здравјето на идните поколенија, 3.323 лица го дадоа својот потпис, со цел да се одржи референдум, каде ова прашање ќе биде засекогаш затворено.
Потписите се собираа на третиот кат во општинската зграда без лифт, на што реагираа од Мрежата за заштита од дискриминација поради физичката непристапност со која се соочија лица со попреченост и потешкотии во движењето и од таму се упати јавен апел до Општина Неготино да овозможи еднакви услови за сите граѓани.
Се апелираше и до Народниот правобранител да реагира итно, но се до последниот ден, собирањето на потписите се одвиваше на третиот кат. Напразна беше и пораката на Бранимир Јовановски, претседател на Националниот сојуз на лица со телесен инвалидитет – Мобилност, кој порача локалната самоуправа да поработи на случајот и да се адаптира простор на приземје, каде секој граѓанин ќе може да си го оствари своето право на глас.
Сепак, и покрај тоа, граѓаните во рок од 14 работни дена ги собраа потребните потписи, потенцирајќи дека нема место за политика или поделеност, кога се работи за здравјето и животната средина. Револтот на народот го отвори прашањето – Дали отфрлањето на референдумот ќе предизвика еден вид на бојкот на изборите во Неготино, односно неважечки гласачки ливчиња со испишана порака – Стоп депонија!
Вики Клинчарова