Актерот и музичар Драган Спасов-Дац со емотивна објава се потсети на својот колега Димче Мешковски – Мешко, кој почина минатата недела на 77-годишна возраст во Америка, каде живееше последните години.
Ги спомна миговите минати заедно, љубовта на Мешко кон ќерките, внуката, но и сопругата Марица, како и многуте заеднички анегдоти.
Раскажа дека се слушнале девет дена пред да почине Мешковски, и зборувале долго, како татко и син.
-Кога ќе ми замине некој близок никогаш не можам да срочам некоја реченица за неговото испраќање. А заминале и блиски и подалечни…
Тоа е затоа што јас не можам да се помирам со фактот дека тој човек повеќе го нема, дека треба за него да зборувам во минато време и дека веќе никогаш нема да го чујам и видам.
Мешко, глумците не умираат, глумците немаат години и глумците на своите матични сцени остануваат долго, долго по нивното физичко заминување. Зад глумците остануваат нивните претстави, нивните филмови, тв драми, нивните штосови, анегдоти, нивните загрижени и насмеани лица. Е таков те памтам, насмеан полн со дух, живот, енергија. Иако ги имаше сите болести на светот ти беше поздрав од сите и не се предаваше. Помнам еднаш кога го праша Мичо Егеец кој беше јак и здрав како бик: Мичо! ти си бил од нешто болен? Мичо збунет те праша: Како мислиш болен, сум имал грип некогаш. А јас тогаш те прашав тебе: Мешко а ти, има нешто од што не си бил болен…
Се смеевме, многу се смеевме и пиевме пиво, а ти онака шеретски со картите во една рака а со другата пивнуваше од пивото со крајот на устата. Правевме шеги и на туѓ и на наш рачун.
Долго знаевме да седиме во бифето и да разговараме, знаев скоро се за тебе а и ти за мене.
Само девет дена пред да заминеш физички, се слушнавме и ти раскажував за се она што не можеш да го најдеш на интернет, а пратеше се. Најмногу те интересираа случувањата во театарот. Се слушавме стално и знаевме да зборуваме со часови, навистина бевме како татко и син.
Ти беше вљубен во твојата Марица како првиот ден кога си ја сретнал, таа беше твојата убавица, поткрепа и ветер во крилјата. Ми велеше: Ако ме остави Марица одма ќе умрам.
Посебно беше горд на Наташа и нејзините успеси а и на Јасна која тргна по твоите стапки ама далеку од овде. Отиде да ги вратиш заедно со твојата сакана внука Леона, ама ти остана таму, таму во туѓината. И знаеш што, мислам дека тоа прилега на твојот немирен дух.
И не знам зошто велат да се почива во мир, јас мислам дека и таму треба да се продолжи со исто темпо, онака како што човекот живеел на земјата. Каков мир ти се молам ти не беше мирен човек.
Се мислев што би ми одговорил на ова мое обраќање до тебе, и знаеш?..
Ќе ти кажам друг пат – објави Спасов.
Денес во салонот на Драмски театар се одржа комеморација за починатата актерска легенда.
Вики Клинчарова