Петровска до Ковачки: За таа лага ќе се видиме на суд!

by Fokus

„За таа лага ќе се видиме на суд, а многу брзу ќе се видиме и за најновата за Косово“. Ова е одговорот на министерката за одбрана, Славјанка Петровска до пратеникот Драган Ковачки од ВМРО-ДПМНЕ кој претходно во Собранието зборуваше дека таа треба да биде разрешена бидејќи, наводно, рацете ѝ се треселе, не можела да задржи мисла и дека ѝ била препишана терапија со седативи.

„Според специјалистот-психијатар, во психичкиот статус на Министерот која сама-доброволно се јавила и доброволно ги вршела психијатриските прегледи се констатира дека има оптеретен мисловен процес. Покрај оваа состојба на намалени когнитивни функции, на министерката ѝ е препишана и седативна терапија, односно 3 месеци е под седативи“ – изјави Ковачки цитирајќи вешта наод и мислење од психијатар за кое рече дека е од 16 февруари годинава.

Министерката за одбрана најави тужба за Ковачки за овие наводи, што ќе биде втора тужба, по обвинувањата на пратеникот дека претставници на военото разузнување биле уапсени во Косово додека биле таму во тајна мисија.

Петровска покажа официјален допис од косовските власти во кој, како што рече, стои дека таков настан воопшто не се случил, порачувајќи му на Ковачки дека, ако има сомнеж во нејзиниот капацитет да ја води одбраната, да покрене интерпелација за неа, наместо да бара од премиерот да ја разреши со тврдењето дека била ментално и психички нестабилна.

Поврзани новости