Адвокатите на поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески денеска во завршни зборови за предметот „Насилство во Центар“ побараа тој да биде ослободен од обвинение.
Адвокатот, Димитар Дангов побара Обвинителството да го повлече обвинението бидејќи, според него, не постојат докази, а доколку не го стори тоа Обвинителството, тој побара судот да донесе ослободителна пресуда.
Ослободување на Јанакиески побара и адвокатот Еленко Миланов, кој рече дека ако според обвинителите Јанакиески бил близок со бегалецот Никола Груевски, зошто тогаш бил прислушуван.
-Ако Јанакиески бил наводно човек од доверба на Никола Груевски, немаше да го има во низата прибавени телефонски разговори и да е прислушуван, рече Миланов.
Обвинети во предметот се поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот министер Миле Јанакиески, Борче Богдановски, Милан Андоновски, Александар Трајковски и уште неколкумина. Според обвинението, тие се товарат за поттикнување на насилството на протестите пред општина Центар во јуни 2013 година. Обвинителството ја ослободи од обвинение поранешната пратеничка, Даниела Рангелова.