Ако ги донесете лавовите и кенгурите во Битола, ќе протестираме, најавуваат од Анима Мунди

by Fokus

Не ни се верува што читаме, битолската ЗОО градина се фали со планирано „подновување“ со две лавчиња, кенгурчиња и други диви животни со што ќе се зголеми животинскиот фонд од над 100 диви животни колку што во моментот таму преживуваат-реагираат од здружението за заштита на животните Анима Мунди.

Тврдат дека битолската зоолошка градина е фрапантен пример за институционална несовесност, стандарди и третман кој сам по себе значи мачење на животните, која во нормална држава би била затворена во рок од 24 часа, а надлежните би одговарале кривично.

-Зоолошката сè уште постои и покрај безброј сведоштва и докази за мачење на животните (изјави од посетители, фотографии, видеа); во која е нормално да се стационираат бездомни кучиња покрај диви животни и хранат со заклани крави; во која сите животни се во депресија и изгледаат како да се препарирани, а не живи; во која смрдеата на мрши и измет се чувствува на километри; која има изглед на депонија. Истата таа зоолошка најавува нови животни кои ги чека нов кафез, но истата судбина!- наведено е во писмената реакција од Анима Мунди.

Тие бараат итно затворање на зоолошката градина, одземање на нејзината дозвола за работа, одземање на сите животни и нивно донирање во центри за ресоцијализација на диви животни во Европа, наместо најавеното носење на лавови и кенгури.

-Потсетуваме – тоа е зоолошка во која противзаконски се заловуваа, сместуваа, и убиваа бездомните кучиња во Битола; зоолошка во која пред повеќе години избегаа 2 волка и беа застрелани, но за тоа не одговарал никој иако поднесовме кривични пријави! Шири зарази, смрди и го труе градот оваа срамна биолошка депонија! Имаме ли ние една институција која ја врши дејноста за која постои и е платена, има ли намера конечно Агенцијата за храна и ветеринарство да го применува законот и најстрого ги казни сите сторители – институции, општини, градоначалници, комунални претпријатија – кои фрапантно го кршат Законот за заштита и благосостојба на животните? Ќе реагираат ли Агенцијата за храна и ветеринарство, Директорот, секторот за здравствена заштита на животните и најстрого да ги казнат сите инволвирани, и да го затворат ова мачилиште? Ние ќе сториме се за нови животни да не добијат свој метар квадратен во овој пекол, а доколку градот и зоолошката итно не отстапат од своите намери, најавуваме протести- порачаа од здружението.

Зоолошката градина во Битола е втора по големина зоолошка во земјава. Основана е во 1950 година, со помош на зоолошките градини од Скопје, Белград, Загреб и Суботица. Во неа има околу 200 животни, односно околу 40 видови. И во минатото чести беа коментарите за лошата состојба, па дури и имаше иницијативи на социјалните мрежи за нејзино затворање, со цел да не мачат животните кои живеат таму, во мизерни услови. Пред четири години „Фокус“ објави вознемирувачки фотографии од мртви животни ( волк и птици) кои со денови биле оставени во кафезите, на очиглед на посетителите. Тогаш и посетители реагираа дека се вознемирени од сликите кои ги затекнале во градината, како и дека се потресени од ужасните услови во кои животните преживуваат, изгледаат прегладнето и дехидрирано, како и дека некои од нив имале и рани по телото.

На крајот на 2014 година, јавноста беше информирана дека конечно, зоолошката во Битола е средена, со помош на проектот „Иновативни едукативни програми за зајакнување на природните ресурси во преку граничниот регион Пелагонија/Лерин – ЗОО иноватива”, кој Центарот за развој на пелагонискиот регион го реализирал во партнерство со Зоолошката, Општина Битола, Општина Лерин и Регионалната развојна агенција од Лерин.

Проектот изнесувал околу 1,2 милион евра (обезбедени од Европска унија), 700.000 евра (85% биле обезбедени од делегација на ЕУ и 15% од Министерството за локална самоуправа) и наменети за реализација на проектните активности во Република Македонија, а останатите 500.000 евра биле наменети за реализација на проектните активности во Република Грција. На свеченото предавање во употреба на реконструираните живеалишта на животните тогаш, присуствуваше и претседателот Ѓорѓе Иванов, тогашниот градоначалник Талески, но и голем број на гости од светот на политиката, како и музички ѕвезди кои настапија пред посетителите. Според реакцијата од Анима Мунди, нема никакви позитивни промени во зоолошката градина.

Вики Клинчарова

Поврзани новости