Популарниот пејач Аки Рахимовски и легендарната ју-рок група „Парни ваљак“ ќе ја добијат највисоката награда за трајни музички вредности на Златна Бубамара на популарноста 2017.
Вокалниот солист Аки Рахимовски, кој своето детство го поминал во Скопје, а во текот на животот станува мегапопуларен со настапувањето во легендарната екс-ју рок-група „Парни ваљак“, веќе пристигна во Скопје и беше дел од генералната проба за најпопуларното македонско музичко-забавно шоу. Групата „Парни ваљак“ е основана во 1975 година во Загреб. Во текот на 37 годишната активна работа издаваат 17 студиски албуми, 14 синглови, 5 албуми снимени во живо и 4 компилации, настапуваат на стотици концерти пред милионски слушателски аудиториум. Позади нив стојат антологиските албуми „Време је на нашој страни“, „Ухвати ритам“, „Покрени се!“, „Заставе“, кои носат бројни југословенски музички хитови, како „Ухвати ритам“, „Угаси ме“, „Покрени се“… Со песните „Јесен у мени“ и „Заставе“ влегуваат во рок-антологијата на југословенската музичка сцена.
Мото на јубилејното издание на „Златна бубамара на популарноста“ е – „Што ќе биде, нека биде!“ и ќе се одржи на 20 февруари во „Метрополис арена“.