Италија предлага во напуштен рудник во оддалечен дел на Сардинија да биде сместен еден од најнапредните телескопи во светот, надевајќи се дека спокојството на локацијата ќе резултира со одобрување и финансирање од Европската унија.
Рудникот за олово и цинк „Сос Енатос“ во близина на градот Лула, кој се протега на триста метри под земја под бујна вегетација, е избран од римската влада како кандидат за сместување на таканаречениот телескоп на Ајнштајн.
Проектот финансиран од ЕУ има за цел да ја истражи длабоката вселена преку проучување на гравитационите бранови и може да работи само кога вибрациите на земјата се минимални.
„Ова ќе ни овозможи да видиме настани многу блиску до времето кога се случи Големата експлозија“ пред околу 14 милијарди години, изјави Џорџо Паризи, добитникот на Нобеловата награда за физика за 2021 година.
Паризи и други научници велат дека рудникот е идеален поради ниската сеизмичка активност во областа и отсуството на блиски населби.
Локацијата во Италија има конкурент, а тоа е локација во Меуз-Рајна, регион што се дели меѓу Холандија, Германија и Белгија. Тендерот официјално ќе биде објавен дури на крајот на следната година.
Гравитационите бранови, бранови во просторот и времето предвидени од Алберт Ајнштајн, се предизвикани од судир на небесни ентитети како што се црните дупки. Се очекува телескопот да ги фати брановите и да набљудува волумен на простор многу поголем отколку што може да се види со алатките што моментално се користат, познати како интерферометри.
Италијанскиот проект предвидува подземен објект во форма на триаголник со краци долги десет километри. Огледалата на крајот од секој тунел ќе ги рефлектираат ласерските зраци чиишто должини се под влијание на минувањето на гравитационите бранови. Овие минимални варијации во должина ќе бидат анализирани со телескопот на Ајнштајн.
Локалните власти сега гледаат на телескопот како можност да вдахнат нов живот во областа зафатена со лоша инфраструктура, пад на наталитетот и депопулација.
„Рудникот стана алтернатива на рудникот“, изјави Марио Калиа, 63-годишниот градоначалник на Лула.
Калиа, и самиот поранешен рудар, рече дека проектот ќе го остави природниот пејзаж на Лула недопрен, а истовремено ќе донесе и инвестиции.