Eкспресните измени на Кривичниот законик, со кои, меѓу другото, се ублажуваат казните за „злоупотреба на службената положба“ и „злосторничко здружување“, што овозможува побрзо застарување на овие дела, постигнуваат неколку цели, пишува најновиот број на неделникот „Фокус“.
Влатко СТОЈАНОВСКИ
Прво, се врши моментална амнестија на функционери од владејачката гарнитура за кои има тековни постапки (Драги Рашковски, Мухамед Зеќири) и идна амнестија на оние што би се нашле под прогон по промена на власта.
Второ, се подава рака кон ВМРО-ДПМНЕ, која декларативно беше „против“, но практично обезбеди кворум за овие измени, што воедно овозможуваат амнестија и на многу вмровски функционери, главно опфатени во предмети на СЈО.
И трето, се врши делумна амнестија на експремиерот Никола Груевски, кому му застаруваат повеќе дела каде се гони, иако и понатаму му остануваат „правни предизвици“.
Како што веќе објавивме, на претседателот Стево Пендаровски му било предлагано да го помилува Груевски во делата каде е осуден, но тој одбил таква опција.
Потоа, според нашите информации, лидерот на ДУИ Али Ахмети разработил и почна да спроведува план за спас на Груевски, во замена за помош за уставни измени, но и за правење на проблеми во ВМРО-ДПМНЕ.
Лога бил „убедуван“ да ги потпише измените на КЗ, а Пендаровски да го помилува Груевски!
Уште пред да поминат измените на КЗ, функционери на ДУИ брифираа дека Ахмети ги уверувал оти води сериозни преговори со пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, како и дека работи и на враќање на Груевски.
Сепак, во контекст на реализација на овој план, овие извори не споменуваа законски измени, туку одлука на Врховниот суд. Ако е така, тоа може да значи 2 работи.
Прво, Груевски да се обрати до Врховниот суд во врска со повлечената аболиција на експретседателот Ѓорге Иванов, откако тоа одби да го стори Судот во Стразбур.
Но, Врховен веќе се произнесе во врска со случајот „Транспортер“, одлучувајќи дека аболицијата не важи и пресудата за Владимир Талески е законска. Оттука, нема резон судот да се произнесе поинаку за иста работи по барање на друго лице.
Затоа, останува Груевски да бара вонредно преиспитување на пресудата во случајот „Плацови на Водно“, кој не е опфатен ниту со аболицијата, ниту со последните законски измени, па му претставува, условно кажано, еден од најголемите проблеми.
На тој начин, сценариото би можело да биде Груевски да се спаси од овој предмет слично какошто експремиерот Владо Бучковски се спаси во „Тенковски делови“ – укинување на првостепените пресуди и купување на време до застарување.
Што се однесува до другите предмети, во случајот „ТНТ“, Груевски е првостепено осуден на 9 години затвор за злоупотреба на службената положба. Но, со измените на КЗ предвидена е измена на овој член.
Истото важи и на делот за злосторничко здружување, за што експремиерот го гонеше во предметот „Титаник“, во пакет со злоупотреба на средства за финансирање на изборната кампања и повреда на избирачкото право.
Понатаму, предметот „Талир“, кој е вратен од почеток, е опфатен со законските измени, бидејќи прогонот се однесува на злоупотреба на службена положба, како и за перење пари.
Случајот „Талир 2“, пак, кој е во апелација, каде што се чека правосилна пресуда, исто така, е фатен со измените, бидејќи се сведува токму на злоупотреба на службената положба.
Што се однесува до предметите „Траекторија“ и „27 април“, првиот е застарен, додека вториот е сопрен. Токму за „крвавиот четврток“ Груевски потенцијално се соочува со највисока казна. Сепак, се погласно се говори дека и за овој случај можен е политички договор за општа амнестија.
За „Тенк“ и „Насилство во Центар“, пак, не се предвидени измени што се однесуваат на овие предмети, но таму казните се пониски, па и тие одат кон застарување. Последен случај поврзан со Груевски е „Феникс“, но тој е далеку од пресуда.
Неофицијално, Груевски веќе имал еден обид да опипа пулс кај вмровските пратеници за уставни измени, но тој поминал неуспешно. Едноставно, никој не сака да прави егзибиции во време кога ја гледа власта на дофат.
За потсетување, неделникот „Фокус“ кон крајот на ланската 2022 година објави сторија со наслов „Дали власта ќе го врати Груевски во земјава, ако одработи за уставни измени?“.
Како што објавивме тогаш, се активирале и комуникациски канали со Груевски, кој бил тестиран од власта и странците дали е расположен да помогне за уставните измени, доколку му обезбедат терен да се врати како слободен граѓанин, со одредени концесии во судските процеси.
Патот на власта до уставни измени оди преку „нож во грб“ во опозицијата?!
Високи партиски извори уште тогаш нѐ информираа дека во посета на Груевски во Будимпешта бил пратеник од редовите на ДУИ и воедно бизнисмен.
Една од темите на разговор била носењето урбанистички план во рамки на Општина Карпош, но станало збор и за политичките процеси, вклучително и за уставните измени.
По објавувањето на текстот во „Фокус“, Груевски како по обичај демантираше. Арно ама, подоцна го потсетивме дека на 24 август 2018 година ја објавивме сторијата со наслов:
„Дали власта ќе го пушти Груевски да избега во Унгарија, ако пратеници на ВМРО-ДПМНЕ го поддржат договорот со Грција“. Веќе на 13 ноември, тој се јави дека е во Будимпешта.
Целиот текст прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.