Принципот на консензуалност за решавање на крупните политички работи е добитна комбинација за Македонија, порача лидерот на ДУИ Али Ахмети.
– Независно што филозофијата и целите на ДУИ не беа разбрани за ова прашање, ние продолжуваме со нашето залагање да биде прифатена консезуалноста меѓу двете најголеми етнички заедници. Го понудивме консезуалниот принцип и за изборот на државните симболи. Албанската заедница не само што треба да биде опфатена во самите симболи, туку треба да биде и согласна при нивниот избор – рече Ахмети, додавајќи дека со коалицискиот партнер ВМРО-ДПМНЕ имаат согласност по многу прашања, но и разлики за кои бараат решенија по пат на дијалог.
Паралелно со најавите за формирање на нова албанска партија, тој рече:
– Тука во Македонија нема потреба од повеќе од две албански партии. Организирањето на Албанците во само една партија е штетно, но е штетно и да се организира трета албанска партија, бидејќи се парчосува гласот на Албанците…
Лидерот на ДУИ, во пресрет на утрешната седнциа на која ќе се расправа за одземање на мандатите на опозициските пратеници на чело со СДСМ, уште еднаш ги повика опозиционерите да се вратат во парламентот, бидејќи тоа, пред се, е добро за државата.