По 17 години судење, обвинет за двојно убиство доби ослободителна пресуда

by fokus

По седумнаесет години судење, скопјанец обвинет за двојно убиство, што се случило во далечната 1997 година, доби ослободителна пресуда. Овој судски случај е најстариот заведен предмет кој не е завршен во кривичниот суд, односно поради многу технички и суштински грешки со години заглавувал низ судските лавиринти.

Од Основниот суд Скопје 1 денеска информираа дека обвинетиот за убиството што се случило во селото Горна Арнакија добил ослободителна пресуда, бидејќи кривичното дело било извршено во состојба на непресметливост.

-Според лекарскиот наод и мислење од судски медицински одбор при Медицинскиот факултет- Скопје од 17.07.2000 година, обвинетиот го сторил кривичното дело во состојба на непресметливост. Претходно, од страна на Апелациониот суд Скопје донесени се две пресуди преку кои предметот се враќал на повторно одлучување со образложение дека во првостепените осудителни пресуди, не било земено во предвид медицинското вештачење за психо-физичката состојба на обвинетиот, информираат од Кривичниот суд, од каде што не ги откриваат идентитетите на починатите, како и нивната врска со обвинетиот.

Познато е дека двојното убиство се случило во октомври 1997 година, а обвинителниот акт е напишан за два месеци. По три  месеци, пак, стартува судењето. По пет години се запира кривичната постапка против четворица од обвинетите, кои се гонеле за учество во тепачка. Во 2006 година, се носи првата пресуда и тоа осудителна, осум години затвор за обвинетиот А.Р. Оваа првостепена пресуда се укинува по одлука на Апелациониот суд и предметот се враќа на повторно судење. Тогаш почнуваат проблемите во процедурата, односно на судење не се појавуваат сведоците, вештото лице, бранителот, но и обвинителот. Втората пресуда се објавува во 2011 година, според која на обвинетиот му се досудуваат шест години затвор. Но, и оваа пресуда паѓа на Апелација, по што по трет пат случајот се враќа по почеток.

Сега по трет пад првостепениот суд носи ослободителна пресуда, но ова не значи крај за вклучените во процесот. Сега на ред е и одлуката на Апелациониот суд.

Поврзани новости