Лидерот на ДУИ, Али Ахмети и понатаму тактизира и вели дека за неговата партија се уште сите опции се отворени. Во преговорите за состав на новата влада, Ахмети паралелно со СДСМ, се уште разговара и со ВМРО-ДПМНЕ.
На средбата со еврокомесарот Јоханес Хан, порача дека ДУИ нема да му даде потписи на СДСМ се додека не им достави писмен доказ дека ги прифаќаат барањата од албанската платформа. Дури после тоа, ќе ја разгледаат опцијата за коалиција со СДСМ.
На прашањето пак, дали е вистина дека се сретнал со Алијансата на Албанците за да формира влада со ВМРО-ДПМНЕ, што претходно го изјави Мендух Тачи, тој вели:
– Константно разговарам со лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, а конечната одлука ќе ја донесе Централното претседателство откако СДСМ ќе достави писмено дали ги прифаќа барањата од платформата – рече Ахмети, додавајќи дека е нормално да разговара со Никола Греувски, бидејќи биле коалициони партнери десет години.