ДУИ е поделена и нема цврста одлука за решение за излез од кризата, но сигурно е дека нови избори не се опција, брифира Али Ахмети вечерва од Мала Речица каде заседава централното претседателство на партијата.
На седницата се разгледува опцијата за излегување на министрите на ДУИ од техничката влада, но претседателството е поделено за ова прашање.
– Расправавме за деблокирање на состојбата, односно да дадат оставка министрите од ДУИ, но за оваа работа постојат две толкувања. Односно, министрите од ДУИ може да дадат оставка, но нема каде да ги поднесат оставките. Второто толкување е дека тие ќе мора да дадат оставки, но ќе мора да ги извршуваат функциите сè до избор на нова влада – рече Ахмети.
Лидерот на ДУИ рече дека е можна и нова лидерска средба.
– Не се исклучува можноста за лидерска средба, но секако отфрламе можност за нови избори, оти со оваа оппција нема да се реши кризата, туку повторно ќе има криза – рече претседателот на ДУИ вечерва пред партиското седиште.