Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, на манифестација која моментално трае во скопскиот саем, го назначува Беким Незири за шеф на централниот изборен штаб за изборите закажани за 24 април следната 2016 година.
Исто така, од ДУИ велат дека на овој настан сите претседатели на општинските штабови со околу 1 000 членови ќе ги добијат решенијата за именување како и принципите за работата на штабовите дадени од претседателот на партијата.
„Сите изборни штабови, од централниот до тие на локално ниво, бројат околу 15 илјади активисти кои се спремни за голема победа на ДУИ на наредните парламентарни избори“, велат од партијата.
Инаку, на претходните избори шеф на централниот штаб беше министерот за образование и генерален секретар на партија Абдулаќим Адеми, кој е човек од доверба на Ахмети, ама многумина видни партиски функционери бараат негова елиминација од партиската и министерската функција.
Исто така, големо незадоволство има и од другите министерски решенија на албанската владејачка партија, пред се на Муса Џафери и на Фатмир Бесими, кои, според внатрепартиските критики, воопшто не придонеле за реализација на партиската платформа, иако тие ги водат најбитните ресори од овој аспект – спроведување на Рамковниот договор и евроинтеграциите.