Агенцијата за разузнавање денеска соопшти дека ќе поднесе кривична пријава пред надлежниот Јавен обвинител поради објавување на идентитет и фотографии на вработени во Агенцијата за разузнавање. Од таму велат дека во изминатиот период во неколку домашни и странски медиуми се објавија написи во кои се изнеле податоци и информации за лица, вработени во Агенцијата за разузнавање. Станува збор за наводното среќавање на агент од Агенцијата со терористите од Косово кои го извршија нападот во Куманово.
-Јавното посочување на идентитетот и фотографии на вработени во Агенцијата за разузнавање претставува загрозување на нивната лична безбедност, безбедноста на семејствата на вработените и загрозување и поткопување на законски утврдените надлежности и методи на работа на Агенцијата за разузнавање на Република Македонија, пишува во соопштението на Агенцијата за разузнавање.
Тие велат дека целосно е неприфатливо вработени во Агенцијата за разузнавање да бидат јавно изложени во медиумите во Република Македонија врз основа на шпекулации, гласини и претпоставки објавени во странски медиуми, кои се повикуваат на извори од странски разузнавачки служби како преземени вести и информации.