Ванчо Митев, адвокатот на осомничената дадилка Т.С. за малтретирање на деветмесечно бебе, за „Фокус“ истакна дека ќе поднесе жалба за изречената мерка притвор од 30 дена, а веќе поднел и барање за идвојување на снимката од доказите, која вчера беше објавена во јавноста.
-Снимката е обезбедена на незаконски начин, и затоа не може да биде земена како доказ. Законот е јасен, односно во член 12, став 2 од Законот за кривична постапка стои „ Доказите прибавени на незаконит начин или со кршење на слободите и правата утврдени со Уставот на Република Македонија, законот и меѓународните договори, како и доказите произлезени од нив, не можат да се користат и врз нив не може да се заснова судска одлука“, истакнува адвокатот Митев.
Тој објаснува дека според негови сознанија Јавното обвинителство веќе побарало вештачење на снимката, што според него не смее да биде извршено.
-На тој начин обвинителството би озаконило една незаконитост, што во никој случај не смее да се случи, вели Митев, кој додава дека простор за дискусија би имало доколку снимка се обезбеди од објект во кој има известување дека објектот е под видео надзор, но во овој случај не.
Вчера речиси сите портали и телевизии во Македонија објавија вознемирувачко видео за тоа како една дадилка се однесува кон бебето што веќе 5 месеци го чувала. Таткото на бебето, откако се посомневал во однесувањето на дадилката, ја поставил камерата и го снимил насилството.
-Оваа жена се „грижеше“ за Даријан 5 месеци, а оваа видео е од само еден ден… Камерата ја постави брат ми, со сомневање дека нешто се случува откако на Даријан му пронаоѓавме модрици по телото и главата! Не ме прашувајте низ каков шок и траума поминавме кога ја пуштивме камерата. На ова никој не може да остане рамнодушен, напиша на фејсбук тетката на Даријан.
Снимката, која веќе е отстранета од интернет, повторно ги отвори правните дилеми, откако неодамна судија на претходна постапка одлучи како докази да ги отфрли и снимките од незаконски прислушуваните разговори кои ги објави СДСМ. Сега на потег е Апелациониот суд, кој треба да се изјасни дали ќе ги прифати жалбите на обвинителството или ќе ја потврди одлуката на судијата.
Како и да е, правниците се едногласни дека и кога станува збор за снимки кои се обезбедени на незаконите начин, односно без налог на судот, тие можат и мораат да се искористат барем како индиција за сторено кривично дело, врз основа на која ќе се приберат други докази, а дел од судската пракса, особено онаа на Судот за човекови права во Стразбур, покажува дека вакви снимки или материјали биле употребени како докази, поради јавниот интерес, односно да се дојде до вистината.