Во обидот да ги убедат апелационите судии дека снимката на која се гледа како наводно премиерот Зоран Заев, бара поткуп, додека ја вршеше градоначалничката функција, неговите адвокати истакнаа дека снимката е направена со агент провокатор.
Тие од Апелацискиот суд бараат снимката која е обезбедена со употреба на посебни истражни мерки да се издвои од предметот „Поткуп“, бидејќи дел од неа веќе беше емитувана на голем број медиуми, а тоа не е дозволено бидејќи овие докази се тајни.
-Употребиле агент-провокатор, но наредба за тоа нема, рече адвокатот Јаким Наумов, потсетувајќи дека снимката беше јавно објавена, поради што на Заев му е нарушено правото на фер-судење.
Адвокатот Ване Андреев додаде дека агент-провокаторот на Заев му ѕвонел во ноќните часови и го провоцирал со прашања за да го намести.
Обвинителот Јован Цветановски, пак, рече дека доказот е прибавен законски, дека наредбата за снимање постои, но истата не е доказ во постапката.
Одлуката на Апелациониот суд би требало да биде позната за неколку дена.
Во случајот „Поткуп“ Заев е обвинет дека додека бил градоначалник на Струмица наводно побарал поткуп од 160 илјади евра од струмичкиот бизнисмен Иван Николов при откуп на градежно земјиште.