Адвокатите на австриската фирма бараат притвор за зетот на Заев и разрешување на стечајниот управник

by Fokus

Адвокатите на австриската фирма „АММА увоз извоз Австрија“ која бара повеќе од 4 милиони евра од компанијата „Дена продукт“, сега преименувана во „Феникс Аграр“ денеска на рочиште за стечајната постапка која се води во Основниот граѓански суд во Скопје побараа притвор за управителот Атанас Костов, зет на поранешниот премиер, Зоран Заев, кој досега не ја дал книговодствената документација за фирмата за којашто се води стечајот и разрешување на стечајниот управник, Драги Димовски од Струмица кој ја води стечајната постапка.

-Ако управителот не сака да ја даде документацијата од 2023 година, да се одреди притвор според Законот за стечај. Како тогаш  може стечајниот управник да состави табела – шема на утврдени и оспорени побарувања, праша еден од адвокатите на австрсиката фирма, Николчо Лазаров и побараа разрешување на стечајниот управник бидејќи не ја обезбедил документацијата.

Стечајниот управник пред судот се правдаше дека досега два пати се има обратено до должникот за да ја предаде документацијата, но не ја добил, па се вадеше на годишната сметка на должникот која ја имало во Централен регистар.

Беше обелоденето и дека документацијата на должникот е дислоцирана, односно не се наоѓа во Богданци, каде првично беше седиштето на „Дена продукт“, туку е преместена во просториите на фирмата „Вики компани“ во Валандово, фирма која исто така се јавува како доверител односно бара да наплати пари од должникот.

Во меѓувреме, иако се води стечајна постапка, оранжериите на „Дена продукт“  наголемо произведуваат и тоа за Атанас Костов односно тој ги користи стаклениците без надомест. На тоа не се противел стечајниот управник бидејќи, како што рече, кога била отворена стечајната постапка веќе имало засадено култури.

Адвокатите испратиле четири дописи до стечајниот управник од 1 до 5 април како членови на Одборот на доверители, но стечајниот не им одговорил на ниту на еден.

Всушност во Одборот на доверители,  се три компании од кои две се поврзани со должникот. Освен австриската „АММА“ свои побарувања пријавила компанијата „Вики трејд“, каде е сместена сега документацијата на должникот, факт кој го потврди и стечајниот управник и фирмата „Џокер“ од село Фурка, Дојран, предлагач на стечајот.

Фирмата „Глобал трејд“, пак на сопругата на Костов, Емилија Костова-Заева пријавила побарувања од 5 милиони евра, што е процентуално повеќе од австриската фирма, па сега постои опасност парите што ги должи Костов, основач и управител на „Дена продукт“,  да му се вратат пак нему.

Денешното рочиште се одложи бидејќи шемата на побарувања не е доставена на сите доверители на кои им се оспорени побарувањата.

Судијата постојано апелираше дека тој суди според законот, но побара од стечајниот управник да биде поекспедитивен и не беше запознат дека ја нема документацијата од 2023 година, па му закажа средба за утре.

Паралелно со ова се води и судски процес во судот во Велес откако беше поднесен обвинителен предлог против Костов, според кое, Костовна секој можен начин се обидувал да ги „изигра“ Австријците и да не им ја исплати отштетата.
Обвинителството достави и посебен предлог до Судот во Велес, каде се води случајот, бидејќи „Дена продукт“ го премести своето седиште од Валандово во Велес, со цел да му се забрани да располага со имотот. Но, обвинетиот се жалел до Апелација и неговата жалба е прифатена, па може да распола со имотот.

Случајот беше обелоденет пред повеќе од една година кога „Фокус“ објави сторија дека валандовска компанија го прекршила договорот со австриски инвеститори за извоз на корнишони, па Арбитражниот суд во Виена пресудил фирмата да плати 4 милиони евра.

Пресудата во Виена била донесена на почетокот на минатата година, но додека траел арбитражниот спор, сопственикот на „Дена продукт“ – Атанас Костов ги префрла вработените и парите на друга компанија. Тоа е друштвото „Глобал трејд“, на неговата сопруга, но и по една година, иако беше поднесено обвинение отштетата не може да се наплати.

Фросина Факова -Серафиновиќ

Поврзани новости