Со соопштение денеска до медиумите излезе адвокатката Фани Михајловска, која ги објаснува случувањата на Водно, каде група граѓани и жители денеска го спречија уривањето на двете гаражи во населбата Водно, од која една на бизнисменот Ристо Гуштеров, кои власта планира да ги урне за да се направи пат до парцелите каде треба да се градат објекти за семејно домување. Нејзиното соопштение ви го пренесуваме во целост:
Ве известувам дека настаните што се случуваат последниве денови на ул. „Питу Гули“ на Водно во врска со рушењето на гаражи, не е реално претставено во медиумите.
Имено, за објектите (гаражи) кои се дивоградби и се предмет на рушење во законска процедура, доставено е Барање до Општина Центар за инспекциски надзор и на 7.10.2013 година од страна на Општина Центар е издадено решение.
Барањето за инспекциски надзор на овие дивоградби е поднесено од страна на сопствениците на имотот кој се наоѓа зад споменатите гаражи, од причина што тие физички го попречуваат пристапот до нивниот имот.
Сакам да ја известам јавноста, дека зад дивоизградените гаражи се наоѓа имот, во сопственост на моја странка, стекнат во постапка на денационализација, а тоа се катастарски парцели со броеви 1667, 1309/7, 1309/3, 1309/9 и 1309/12. Податоци за сопствениците и основот за стекнување на сопственоста се јавно достапни во Агенцијата за катастар на недвижности и на нивната веб-страна
Нам не ни е познато која е таа шума од 12000м2 која ја спомнува Ристе Гуштеров во изјавите за медиумите.
Појаснувам дека за предметното земјиште кое е во многу помала површина, до денес не е побарано ниту издадено одобрение за градба, на лице место не се гради пат, туку единствено по барање на сопствениците на земјиштето вратено во денационализација, треба да се спроведат решенија за рушење на дивоизградени гаражи, донесени од Општина Центар уште во Октомври 2013 година.
Дополнително очекуваме новинарите и медиумите да ги истражат деталите околку овој случај, одговорно да известуваат и да не подлегнуваат на манипулации и пласирање на невистинити тези.