Гуштеров: Власта продолжува со своето лудило!

by Фокус

Група граѓани и жители на Водно денеска го спречија уривањето на двете гаражи во населбата Водно, од која една на бизнисменот Ристо Гуштеров, кои власта планира да ги урне за да се направи пат до парцелите каде треба да се градат објекти за семејно домување. Градежната механизација и полицијата утрово беа на готовс, но граѓаните им го попречија патот, по што си заминаа. Тие стравуваат дека со градежната експанзија може да дојде до повлекување на земјиштето и уривање на нивните куќи.

Сопствениците на гаражите претходно добија времено одложување, но решението за уривање останува. Тие сега стравуваат дека гаражите ќе им бидат урнати преку ноќ.

– Како што гледате власта на чело со Груевски продолжува со своето лудило и сакаат да го тераат тој налудничав проект. Ова е последното зеленило што може да се заштити, но кога имате работа со луѓе кои не водат сметка ниту за својата држава ниту за својот народ, и тераат проекти од налудничава природа, не можете да очекувате ништо повеќе. Самата намера дека премиерот ќе ги решава проблемите со дигање на 15-метарски бетонски ѕид, само по себе по мене тоа е најлудничавиот проект. Целиот тој потез на Водно е уништен од нивни компании – смета Гуштеров.

Гуштеров поднел документација до Општина Центар да се поништат плановите за изградба на патот и уништување на зеленилото. Вели дека нема да се изненади доколку полиција и градежни инспектори дојдат на полноќ и ги срамнат гаражите, по примерот на сечењето на паркот спроти хотел „Бристол“.

-Ако се спроведе целото тоа лудило од страна на Груевски и неговата клика, ќе се обезвреднат сите објекти. Нарушувањето на тектониката на тлото на овој појас ќе биде фатална, не само за жителите во овој дел на Водно, туку некоја катастрофа од поголеми размери може да се случи, вели Гуштеров.

Парцелите за кои се отвора пат се со површина од 12 илјади метри квадратни и на нив се наоѓа шума. Парцелите се најдоа и во една од таканаречените бомби на опозицијата, при што лидерот на СДСМ, Зоран Заев обвини дека тие се во сопственост на луѓе блиски до власта.

Поврзани новости