Текстот е објавен на 26 август, 2025 година во бројот 1560
Пишува: Ирена МУЛАЧКА
Пред десетина дена, дали случајно или намерно, кардиологот Сашко Кедев во интервју на „Стадион“ на Канал 77 „испука“ бомба и тоа дека приватните болници прават непотребни операции на срце само за профит. Тој, без трошка сомнеж, ги сподели алармантните информации, па дури истакна дека за сето тоа што го зборува располага и со обемни докази и документи.
– Мојата консултативна активност е одвраќање луѓе од непотребни интервенции, непотребни стентирања. Ние, во моментов, се соочуваме со нешто застрашувачко, тоа се тие непотребни операции во приватните болници, кои се профит ориентед. Значи имаме приватни болници на кои единствен интерес им е профитот. Тоа се лесно докажливи работи, ние ги имаме тие филмови, тоа е сѐ снимено. Имаме докази дека одредени центри треба да се затворат од медицински аспект.
Да се случело тоа во Англија или во Америка, ќе ставеле под клуч. Оперирале без потреба, сечеле граден кош без потреба. Тоа е фасцинантно, нешто за кое релевантните институции требало да преземат нешто. Тука, пред сѐ, мислам на Фондот за здравство и на Министерството за здравство. Тоа се двете институции што ги плаќаат овие приватни болници и не зборуваме тука за плаќањето, туку за сериозни етички проблеми, кои се поврзани со профит. Профит во медицината не смее да има. Пари и профит има на здрави луѓе, не на болни луѓе, беше дециден во интервјуто, доктор Кедев.
Оваа негова шокирачка изјава предизвика лавина реакции во јавноста, па Министерството за здравство реши да формира Комисија со странски експерти, кои ќе ги испитуваат страшните наводи. Во целата приказна, најзасегната се најде приватната болница Аџибадем Систина, која се закани со тужба, на што доктор Кедев возврати дека тамам на тој начин ќе се открие – каков хорор се случува во македонските приватни болници?
Тоа што е уште позастрашувачко е што дел од операциите на срце се прават на фондовска сметка, а од таму се кешираат милиони евра за пациентите да се лекуваат, што значи дека ако се точни обвинувањата на Кедев, некој на големо си играл со здравјето на болните од срце, па беспотребно им сечел и граден кош само да профитира.
Парите, имиџот и моќта се сѐ уште главните мотиватори за нивното долго опстојување на бизнис-пазарот.
„Фокус“ се потруди да открие што се крие зад затворените врати на двете најголеми приватни болници во државата, за кои, освен што кружат реклами за илјадници спасени животи, ништо друго не се знае. Секоја болница си носи своја приказна. Па, да почнеме по ред!
СИСТИНА СО ПРИХОДИ ОД 64 МИЛИОНИ ЕВРА
Во голем луксуз, со елитен изглед и најсовремена медицинска апаратура располагаат двете најголеми приватни болници во државава, Жан Митрев клиник и Аџибадем Систина, кои повеќе од една деценија се наоѓаат на пиедесталот.
Тие го заземаат главното место на пазарот, едната предводена од кардиологот Жан Митрев, а другата поврзана со бизнисменот Орце Камчев и неговото семејство.
Со само еден клик на официјалната интернет-страница може да се прочита дека Аџибадем-Систина се простира на површина од 26.650 квадратни метри. Опремена е со девет најсовремени операциони сали и капацитет од 321 болнички кревет.
Како што велат од таму, тука почнува успешната приказна за Систина:
„Денеска клиничката болница Аџибадем Систина е најголемата и најмодерна приватна болница во регионот и е пример за успешна приказна во здравствениот сектор со медицински услуги според најсовремените протоколи во лекувањето на пациентите“, се наведува во описот на болницата.
Уште нешто што боде очи кога ќе се отвори веб-страницата е насловот „Болница без болка“.
Ништо поразлична не е сликата ниту за болницата на кардиохирургот Митрев, каде што, исто така, е наведено дека со нејзиното официјално отворање на 1 март, 2000 година почнува да се пишува историјата во македонското здравство – новата ера во македонската кардиоваскуларна хирургија.
Луксузот се забележува на километри, и во однос на тоа како изгледаат болниците, но и по солените цени, кои за своите здравствени услуги ги нудат на пациентите. Сепак, тоа е приватен бизнис и тие ги поставуваат условите на пазарот. Впрочем, кој може, ќе си дозволи.
Факт е дека здравјето со пари не се купува, но, сепак, на крај сѐ зависи од нив. Нема споредба какви се условите за лекување во приватното наспроти јавното здравство, но тоа само за оние со подебели џебови. Тешко на обичните „смртници“.
Кој може да плати, без размислување се определува за здравствените услуги во приватното здравство. А, и кога немаат пари, а немаат и избор, подигнуваат кредити, продаваат куќи, се задолжуваат на секој чекор. Нормално, сѐ за здравјето.
Па, оттука приходите и добивката на двете најголеми приватни болници оди до плафон. Според официјалните податоци од Бизнис-мрежата, Систина е водечка бизнис-болница за 2024 година со приходи од безмалку 64 милиони евра и 6,4 милиони добивка.
Всушност, последната година за оваа болница е најдобрата досега, дури подобра и од ковид-кризата кога беше златно време за приватното здравство.
За разлика од таму, иако и Жан Митрев клиник работи турбо и со вртоглави цени, сепак неговиот профит лани изнесувал околу 20,4 милиони евра, што е за 40 милиони помалку од болницата на Камчев, кој од многу одамна не фигурира како сопственик на хартија. Добивката на оваа приватна болница е 114,5 илјади евра, додека во 2022 и во 2023 година работела со загуби.
СОЛЕНИ СУМИ ЗА ПРЕГЛЕДИ
Со оглед на тоа што и двете болници работат со енормни цени на здравствените услуги, време е да направиме споредба со одредени прегледи во приватното и јавното здравство. Имено, сите оние ординации со кои работи Фондот за здравство добиваат одредени суми на пари за специјалистички преглед на пациентите. Тие цени не се променети повеќе од една деценија, поточно од 2012 година.
Па така, на приватните ординации што работат со ФЗОМ за еден специјалистички преглед им се плаќа само 380 денари, ЕКГ е 250 денари, додека, пак, ехо на абдомен е 500 денари. Но, тоа не е сѐ. Тука е и ехо на тироидната жлезда, и тоа само за 300 денари, додека, пак, ехо на срце изнесува 800 денари.
Доволно е само да земеме еден пример, за да се види разликата во цените. Значи, специјалист што работи со ФЗОМ, ако на еден пациент му направи ехо на тироида, ехо на стомак, ЕКГ, преглед, му даде терапија, а во меѓувреме бројни контроли, за таа услуга од Фондот добива само 1.350 денари, што е смешна и минимална сума. На тој начин уште повеќе ги демотивираат лекарите-специјалисти да си ја вршат работата.
Но, што правиме со цените и во приватните болници, но и приватните ординации, кои не работат со Фондот за здравство. Таму цените се солени и страшни, во зависност од тоа кој какви услуги нуди и со каква точно дејност се занимава.
За сите здравствени услуги што ги нудат имаат ценовник од кој боли глава. Така, на пример, еден абдоминален хируршки преглед е од 3.500 до 4.500 денари, 24-часовен мониторинг на холтер е 4.000 денари, акушерски и ултразвучен преглед на трудница е од 2.500 до 3.500 денари. Исто така, брис за ПАП е околу 3.000 денари, додека, пак, гастроенхепатолошки преглед со ехо е 4.000 денари и по 2.000 денари за ехо-преглед на дојка и на тироидна жлезда, а еден кардиоваскуларен пакет е 4.500 денари. Отприлика, така се движат цените.
Бројни се сумите за вакви прегледи, зборуваме само за прегледи, но што кога станува збор за испитувања и интервенции. Е, тука на ред стапуваат уште посолени суми на пари. Тоа значи, дека ако се направи еден гинеколошки преглед со сите брисеви чини дури 16.000 денари, компјутерска томографија со контраст 19.500, додека, пак, со контраст на повеќе регии е 24.000 денари, магнетна резонанца на срце е 29.000 денари…
Ова се само дел од цените на здравствените услуги што се нудат во приватните болници и ординации, а кои немаат никаква соработка со Фондот за здравство.
Но, да не заборавиме дека тие нудат услуги и на државна сметка, и тоа само во областа на кардиохирургијата и кардиоваскуларната хирургија.
Иако, овој вид здравствени услуги се нудат во неколку јавни здравствени установи, сепак тие дебело се офајдија и од Фондот за здравство.
105 МИЛИОНИ ЕВРА ОД ФЗОМ ЗА СРЦЕ ЗА ШЕСТ ГОДИНИ
Без разлика што и во двете болници повеќето здравствени услуги што се нудат се плаќаат приватно, сепак кардиохируршките интервенции се на фондовска сметка. За таа цел, на годишно ниво се одделува одредена сума пари.
Покрај нив, тука се и стентовите што им се вградуваат на пациентите. Сѐ друго граѓаните плаќаат од свој сопствен џеб.
„Фокус“ се обрати до Фондот за здравство, од каде што побаравме да ни дадат одговор на неколку прашања, а клучното прашање беше – колку пари на годишно ниво добиваат двете најголеми болници и за кои здравствени услуги?
Од таму добивме одговор, кој се однесуваше на последните две години, поточно 2023 и 2024 година. Според приложените податоци, сумите отприлика секоја година се слични, плус, минус некоја цифра.
Во 2023 година, во приватната Систина, на државна сметка се оперирале 1.116 пациенти, за што од Фондот за здравство се одлеале околу 8 милиони евра, додека, пак, во конкурентската болница на Митрев, операција на срце направиле 1.306 пациенти, за што се потрошени речиси 8,9 милиони евра.
Ништо не е поразлична и следната година. Па така, во Систина лани се оперирале 1.100 пациенти, за што од фондовска сметка отишле околу 8,4 милиони евра, а кај Жан Митрев за операција на срце завршиле 1.384 пациенти и таму од државата завршиле 8,3 милиони евра.
„Фокус“ уште од претходно располага и со податоците – колку пари од ФЗОМ завршиле во приватните болници од 2019 година наваму:
„Двете приватни здравствени установи – клинички болници, Аџибадем Систина Скопје и Жан Митрев клиника Скопје имаат склучено договор со ФЗОРСМ за пружање и плаќање здравствени услуги на осигурениците од областа на кардиохирургија и кардиоваскуларната хирургија.
Во 2022 година, пак, надоместокот на Аџибадем Систина беше на исто ниво, а на Жан Митрев клиниката беше 602.000.000 денари, како и во 2021 година.
Во 2020 година, надоместоците беа – за Аџибадем Систина 528.000.000 денари, а за Жан Митрев клиника 682.000.000 денари.
Во 2019 година, надоместокот на Аџибадем Систина бил 443.000.000 денари, а на Жан Митрев клиника 612.000.000 денари“, се наведува во официјалниот одговор на Фондот за здравство.
Според пресметките, во последните 6 години, во касите на двете најголеми приватни болници влегле околу 105 милиони евра за операции на срце и кардиолошки интервенции.
Поточно, од 2019 година наваму, Жан Митрев клиник добиле околу 57 милиони евра, додека, пак, Аџибадем Систина околу 47 милиони евра.
Тоа не се малку пари, со оглед на тоа што овие интервенции се прават и во неколку болници низ државата, а од 2015 година наваму, по години празни ветувања и натегања, конечно профункционира и Државната кардиохирургија.
За време на корона кризата, таму беше направена и првата кадаверична трансплантација на срце, односно трансплантација од починат донор.
Сепак, и покрај сѐ поголемиот број кардиохируршки интервенции што се прават на државна сметка во јавното здравство, тоа не ја намали сумата пари што ја добиваат двете најголеми приватни болници, туку напротив сумите секоја година растат.
„Самото движење на нивната висина значи утврдување на нивните надоместоци согласно потребите и финансиските можности на ФЗОРСМ, имајќи предвид дека голем дел од кардиоваскуларните процедури се вршат во неколку ЈЗУ.
Тоа се УК за кардиологија, УК за тораковаскуларна хирургија, Градската општа болница „8 Септември“, Клиничката болница Штип и други, а кардиохируршките процедури се вршат во ЈЗУ УК за Кардиохирургија, која од година во година врши сѐ повеќе здравствени услуги од областа кардиохирургија“, се наведуваше пред две години во одговорот од Фондот за здравство на прашањето дали од приватните болници има реакции дека парите што ги добиваат на државна сметка не се доволни.
Како и да е, како да ги вртиме работите, по традиција, сѐ завршува на грбот на пациентите, кои секогаш се жртви на парите, моќта и бизнис-политиките.
Рамка1:
200 МИЛИОНИ ЕВРА ПРОФИТ ЗА КОВИД-КРИЗАТА
Сепак, тоа што изненадува во целата приказна е што за време на тригодишната ковид-пандемија во овие две болници се слеале над 200 милиони евра профит, но ниту во еден момент не беше направена соработка со Фондот за здравство, за да може граѓаните и таму да се лекуваат на државна сметка.
Зборуваме за една од најголемите кризи во кои се најде целиот свет, па и Македонија, каде што од смртоносниот вирус починаа повеќе од 9.000 пациенти.
Тоа беше мошне плоден период и за Жан Митрев Клиник и за Аџибадем Систина, со оглед на тоа што тестовите достигнаа сума од 3.500 до 12.000 денари, додека, пак, само лекувањето изнесуваше вртоглави 12.000 евра.
Приватните болници и државата не успеаја да договорат соработка, па тука најмногу изгубија болните.
Сите оние граѓани што имаа пари, не им беше проблем да се лекуваат приватно, но затоа, пак, таму завршија и тие што изгубиле доверба во јавниот здравствен систем, па продаваа куќи, станови и земаа кредити, мислејќи дека спасувањето на животот им е загарантирано, кога веќе даваат толку многу пари.
Тогашниот министер Венко Филипче некаде во ноември, 2020 година имаше средба со сопствениците на приватните болници, за да се договорат како државата ќе менаџира со нив за време на ковид-кризата, но сѐ помина само со една фотографија од кабинетот на екс министерот, а од бизнис-соработката ништо.