Министерот за образование и наука, Абдулаќим Адеми денеска, по конференцијата на УСАИД за е-образование, изјави дека не ја разбира реакцијата на студентите кои прогласија автономна зона на неколку факултети од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Според него, тие имаат право да протестираат, но не би требало тоа да го прават на овој начин.
– Секако, имаат право да протестираат во различни форми, но во демократијата секогаш е дозволено да се реагира до моментот кога не се загрозуваат правата на некој друг. Во моментов, мислам дека се загрозуваат правата на други студенти кои не се дел од групата која протестира, затоа што тие сакаат да следат настава. Има реакции и од студенти и од родители, рече Адеми.
Инаку, министерот закажа средба со работната група од УКИМ за во понеделник, каде ќе се разговара за концептот и текстот на Законот за високо образование. За тоа кој ќе биде дел од оваа работна група предводена од ректорот Велимир Стојковски, ќе одлучи Ректоратот или Сенатот на Скопскиот универзитет.