Политичката партија Народно движење за Македонија (НДМ) смета дека изборот на четири члена од ад-хок телото за регулација на медиумите по партиска линија од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ е противуставно.
Од партијата веќе поднеле иницијатива до Уставниот суд за оценување на уставноста на регулаторното тело кое ќе функционира 100 дена пред изборите.
-Партискиот избор на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ на членови во ад хок телото за медиуми е повреда на уставната гаранција за еднаквост и за рамноправност на граѓаните. Граѓаните од својот џеб ќе плаќаат партиски кадри на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ бидејќи членовите во ад хок телото ќе добиваат од буџетот месечен хонорар од 80.000 денари. Тие пари се сопственост на сите граѓани. Државните институции, како што е ад хок телото за медиуми, исто така се целосна сопственост на граѓаните на Република Македонија. Меѓутоа, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ ја нарушија еднаквоста и рамноправноста на граѓаните со што се попречува остварувањето на демократскиот карактер на нашето општество во еден од суштинските аспекти – право на секој граѓанин да учествува во вршење јавна функција и достапноста на секое работно место под еднакви услови – рече денеска Злате Војновски член на извршниот комитет на НДМ.