АBМУ утврди говор на омраза кон Албанците на ТВ Сител

by fokus

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) констатираше дека ТВ Сител шири говор на омраза и поттикнува дискриминација против Албанците во Македонија, објави ЗНМ.

Ваквата појава АВМУ ја утврдила преку вонреден надзор спроведен во текот на изборната кампања од втори до петти декември 2016 година кога на ТВ Сител во изданијата на дневниците во 19 и 23 часот се објавени серија прилози и уреднички коментари посветени за двојазичност и кантонизација на Македонија.

Во извештајот Агенцијата заклучува дека во тврдењата на ТВ Сител за време на изборна кампања постои говор на омраза за да се постигне одредена политичка цел преку дискриминација, еднострани информации и заплашување на јавноста.  

Според Агенцијата, ТВ Сител ја изложил македонската јавност на убедување, наметнување мислење, манипулирање со информации и заплашување со губење на работни места, губење на државата, тензии и војни со цел да се предизвика чувство на загрозеност на Македонците и останатите заедници од Албанците, кои се претставени како непријатели.

АВМУ смета дека ТВ Сител свесно користела говор на омраза и поттикнувала на дискриминација, повторувани во повеќе наврати, користејќи ја моќта на влијанието на телевизијата за да поттикне насилство против Албанците.

Вонредниот надзор на АВМУ е спроведен согласно член 48 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и членот 3 од Законот за спречување и заштита од дискриминација, кои недвосмислено забрануваат говор на омраза и дискриминација.

Според информациите на ЗНМ, извештајот со наодите што е јавно достапен на веб страната на Агенцијата, веќе е доставен до Јавното обвинителство и Комисијата за превенција и заштита од дискриминација.

Здружението на новинарите на Македонија очекува Основното јавно обвинителство во Скопје и Комисијата за заштита и спречување од дискриминација сериозно да ги разгледаат наводите на АВМУ и да донесат соодветна одлука. Потсетуваме дека Европскиот суд за човекови права и слободи од Стразбур во неговите пресуди јасно заклучува дека таков начин на изразување е негација на слободата на говорот.

Поврзани новости