Поп-рок сцената се буди од зимскиот сон, а за фолкерите нема зима

by fokus

Според најавите за нови проекти, албуми, концерти и настапи, очигледно дека македонската поп – рок сцена се буди од зимски сон. По неколку години без поголеми настани и хитови, неколку познати бендови веќе започнаа со објавите за новитети на естрадата.

По неколкугодишна пауза рок-пејачот и актер Влатко Илиевски, повторно е активен како вокал и како фронтмен на својата група „Морал“ и заеднички најавуваат нов албум, насловен „Кофеин блуз“, а бендот е во ист состав веќе 15 години. Влатко Илиевски е вокал, Славчо Стојановски – бас и автор на сите песни, Ивица Јорданов свири гитара, а Сашо Ангелов тапани. Како гости на албумот се појавуваат Игор Џамбазов, Тамара Тодевска и Слаткаристика.

Покрај „Морал“ љубителите на добриот звук ги израдува и веста за концерт на групата „Меморија“ закажан на 18 ноември, во Метрополис арена во Скопје. По речиси дваесет годишна пауза, „Меморија“ која што беше една од најпопуларните групи кон крајот на осумдесеттите и почетокот на деведесеттите години на минатиот век, не ја исклучува можноста за снимање на нов материјал. Членовите исто така, најавија и снимање на документарен филм, кој би требало да содржи дванаесет епизоди, и да опфати приказни и анегдоти од нивните настапи.

„Нокаут“ пред неколку дена со настап во скопски клуб го означи почетокот на јубилејната турнеја низ земјава, со која што ќе прослави дваесет години на сцената. И „Нокаут“ најави дека активно работи на четвртиот албум.

Калиопи најави февруарска турнеја, но наместо во Македонија, таа ќе настапува во неколку градови во Хрватска и Босна и Херцеговина. По евровизискиот настап со песната ,,Дона’’ таа сними обработка на песната „Кестен“ од српската група „Алиса“ , а на турнејата во Хрватска и Босна и Херцеговина ќе го промовира синглот „Роѓендан“ кој што го сними лани, по повод својот педесетти роденден. Најава за нови песни на македонски јазик од поп дивата, сеуште нема.

И додека поп и рок пејачите земаат залет во годината што следи, кај фолкерите нема зима. Поголемиот дел од нив сеуште се во Америка, Австралија и Канада, каде што имаа празнични турнеји, и речиси секоја недела се снимаат нови фолк песни и спотови. Околу настапите, исто така се работи турбо. За викенд гостуваат во ресторани и клубови, а често настапуваат и на приватни свечености. Миле Кузмановски, Елена Велевска, Џесика Палашоска, Адријана Кеш, Елена Јовческа, Марјан Коцев… се само дел од фолкерите кои што имаа успешна година зад себе со многу снимања,настапи и турнеи.

Вики Клинчарова

Поврзани новости