Обид за нелегален транспорт на цигари во вредност од околу девет милиони денари бил откриен на граничниот премин „Богородица“, при контрола на камион со српски регистарски ознаки. За случајот е осомничен српски државјанин, против кого Основното јавно обвинителство Гевгелија поведе постапка за кривично дело криумчарење.
Според информациите од Обвинителството, осомничениот, кој е сопственик на српската транспортна компанија, на влез во државата се обидел да пренесе 5 000 штеки цигари од брендовите „Marlboro“, „Davidoff“ и „Winston“.
Цигарите биле спакувани во 100 картонски кутии без ознаки и не биле пријавени при царинската контрола. Наместо тоа, осомничениот пријавил дека со камионот транспортира пропиленски гранулати.
Сепак, при проверката на товарот, царинските службеници во предниот дел и во средината на приколката ги откриле и непријавените цигари, по што стоката веднаш била одземена.
Вкупната вредност на запленетите цигари се проценува на околу девет милиони денари.
Основното јавно обвинителство Гевгелија поведе постапка за кривично дело „Криумчарење“, предвидено во член 278 став 2 од Кривичниот законик.
Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка доставил предлог за определување мерка притвор за осомничениот, поради постоење околности кои укажуваат на опасност од бегство.