На територијата на цела Македонија има вкупно 1.761 засолниште со капацитет за засолнување на 185.465 лица, кои се во сопственост на институции, здруженија и приватни органи, со тоа што 101 од нив се т.н. јавни засолништа, од кои 16 се наоѓаат во главниот град Скопје.
Поточно, со одлука на Министерството за одбрана во 2005 година, овие 101 јавно засолниште беа предадени на Дирекцијата за заштита и спасување, од каде што не информираа дека на 5 засолништа е извршено тековно и инвестиционо одржување, додека другите не се санирани поради, објаснуваат од таму, недостиг од финансиски средства.
Одговарајќи на нашето прашање кој е надлежен да постапува кај скривниците што се преполни со отпад и изгледаат како мини-депонии, од таму објаснуваат дека „тековното и инвестиционото одржување на засолништата го вршат сопствениците или корисниците на истите“.
„Одржувањето, сервисирањето на средствата и опремата во сите засолништа и атестирањето го вршат трговски друштва, јавни претпријатија, установи и служби регистрирани за таква дејност, кои имаат вработени лица со лиценца за вршење таква дејност согласно со закон.
Одржувањето на засолништата е во надлежност на сопствениците согласно Законот за заштита и спасување и Уредба за начинот на изградба на јавните засолништа и одржувањето и користењето на веќе изградените засолништа и другите заштитни објекти…“, велат од ДЗС.
Инаку, проверките на терен што ги извршивме пред десетина дена покажаа дека голем дел од јавните засолништа во Скопје се во исклучително запуштена состојба, со оглед дека забележавме оти, пред се тунелските засолништа под ридот Гази Баба, но исклучок не се ниту оние под тврдината Кале, беа пренатрупани со ѓубре.
Имено, само мал број од нив се херметички затворени со метални врати, додека другите се отворени. Сепак, тоа не значи дека тие се лесно пристапни и проодни, од причина што се обраснати со трева и/или се полни со смет, до таа мера што наликуваат на отпади, каде што со голо око можеа да се забележат и фрлени каучи, автомобилски седишта, кади и шолји…
Дека состојбата со македонските скривници е алармантна, неодамна потврди и Државниот завод за ревизија. Во ревизорски извештај објавен лани, меѓу другото, стои дека со посета на дел од засолништата доделени на ДЗС во општините Центар, Аеродром, Карпош, Гази Баба, Велес и Штип, ревизорите утврдиле дека Дирекцијата не врши нивно „тековно одржување“.
„Голем дел од засолништата се блокирани или затворени од пречки од дрва и кабаст отпад, дел од нив се отворени и личат на депонии, а некои се магацини за стара опрема. Некои засолништа не се во функција поради неисправни системи за вентилација и недостиг од струја и вода. Истовремено, едно засолниште се користи од приватно правно лице, за кое користење не ни беше доставена документација за закуп…“, стои во извештајот на ДЗР.
Всушност, темата за состојбата со засолништата се актуелизираше откако Русија воено ја нападна Украина пред 4 години, по што многу држави во Европа, но и во регионот, почнаа да ги чистат засолништата, да ја поправаат вентилацијата, да ја проверуваат електричната енергија, да складираат храна, вода и лекови…
Влатко Стојановски






