Димитриевски бара лидерска средба: Правосудниот испит да се полага само на македонски јазик

by vlatko 21:18
21:18

Претседателот на ЗНАМ, Максим Димитриевски, порача дека правосудниот испит треба да се полага исклучиво на македонски јазик и дека Македонија не треба да прави нови отстапки во врска со уставните измени без реципроцитет од Бугарија.

Димитриевски најави дека ќе побара лидерска средба со владините партнери за да бидат утврдени црвените линии на ЗНАМ. Според него, прашањето за јазикот не смее да стане предмет на дневнополитички договори, бидејќи директно е поврзано со правосудниот систем и уставниот поредок.

-Премиерот апсолутно го знае нашиот став. Подготвени сме за разговори, но ќе побарам лидерска средба со владините партнери за отворено да ги дефинираме црвените линии. Ова не е прашање за дневнополитичко надмудрување, туку прашање за иднината на државата и правосудниот систем. За ЗНАМ тука нема простор за импровизации и политички пазарења. Правосудниот испит ќе се полага само на македонски јазик – истакна Димитриевски на Сител.

Говорејќи за уставните измени и европската интеграција, тој повтори дека ЗНАМ останува на предлогот за одложено дејство на уставните амандмани. Според него, европската перспектива не може да биде оправдување за еднострани отстапки на сметка на македонскиот јазик, идентитет и достоинство.

-Ставот на ЗНАМ е јасен. Предлогот за одложено дејство на уставните амандмани е на маса, но не може Македонија постојано да прави отстапки, а од другата страна да нема ниту еден чекор кон почитување на правата на Македонците. Постојат пресуди на Европскиот суд за човекови права во Стразбур. Нека испочитуваат барем една од нив. Доста е Македонија да биде единствената страна од која постојано се бара да попушта. Ако сакаме да одиме напред, мора да има реципроцитет – порача Димитриевски.

Слични вести