Со инвестиција од 25 милиони евра започнува третата фаза од системот за наводнување „Страиште“, со која ќе бидат опфатени 1.500 хектари земјоделско земјиште во валандовскиот регион, а од проектот се очекува да имаат корист околу 6.000 земјоделци.
Проектот предвидува изградба на 70 километри цевководна мрежа под притисок, поставување околу 500 хидранти и изградба на нова пумпна станица. Системот ќе овозможи наводнување капка по капка, попрецизно дозирање и поекономично користење на водата, што треба да придонесе за постабилни приноси и поквалитетно производство, особено во сушните периоди.
Министерот за земјоделство Борче Серафимовски посочи дека, покрај инфраструктурата, проектот опфаќа и советодавна поддршка и практични обуки за земјоделците. Тие ќе добиваат стручни препораки за приспособување на наводнувањето според влажноста и својствата на почвата, временските услови и потребите на земјоделските култури.
Според него, инвестицијата треба да придонесе за посигурно земјоделско производство, подобра заработка за земјоделците и развој на преработката, складирањето и трговијата во валандовскиот регион.
Системот „Страиште“ се надоврзува на првите две фази од проектот „Вардарска долина“ и претставува продолжување на соработката со германската развојна банка КфВ.