Според гувернерот Трајко Славески, Алта Банка продолжува да работи, администрацијата е привремена мерка, состојбата во банката е добра, таа е ликвидна и високо капитализирана. Мерките се однесуваат на зачувување на ликвидноста и заштита на интересите на клиентите на банката.
Запрашан на колку институции не им се исплатени платите, Славески рече дека нема такви податоци.
Електронското банкарство не функционира, а правните лица немаат пристап до филијалите, па некои компании кои имаат сметка во Алта банка не можат се уште да исплатат плата на своите вработени.
„Френетично работат ИТ експертите да го овозможат тоа идната недела“, рече Славески.
Опцијата да се заштити имотот и да се продаде банката е најдобра според Народната банка и тоа е најреално сценарио за гувернерот.
„Банките кои не се засегнати од оваа наметната состојба знаат дека ова е најдобрата опција, заштита на имотот и парите на граѓаните и продажба на банката.
Според мене најреално сценарио, ние бараме купувач за банката, некои сами се јавуваат и сме проактивни. Ќе видиме кои се интересите, затоа што станува збор за банка која е стабилна и има голем потенцијал за развој и е регионален лидер, но не можеме да зборуваме во името на инвеститорите. Има 6 заинтересирани, две странки се домашни“, рече гувернерот и откри дека денеска бил на средба со заинтересираните домашни банки.
Денеска гувернерот на Народната банка, д-р Трајко Славески и соопшти на јавноста три нови олеснувања, кои се однесуваат на проширување на мрежата за исплата на готовина, зголемување на лимитите за користење на платежните картички и располагање со приливите од плати, пензии и социјални трансфери.
· Од понеделник, 9 ноември, ќе бидат отворени шалтерите и во Тетово и Струмица, на кои граѓаните што немаат платежни картички ќе можат да подигнат до 20.000 денари. На овој начин, клиентите од овие градови и околните населени места ќе можат да ги подигнат средствата без да патуваат до Битола. Воедно, Народната банка ќе им излезе во пресрет на граѓаните од околните градови во Битола, а тоа се Прилеп, Ресен и Охрид, ќе организира автобуски превоз до филијалата на Алта Банка АД Битола, со цел и тие да можат да си подигнат своите пензии и социјална помош.
· Исто така, од следната недела, неделниот лимит за подигање готовина и плаќања на продажни места со платежните картички на Банката се зголемува од 10.000 на 15.000 денари.
· Третото олеснување се однесува на сите идни нови приливи од плати, пензии и социјални трансфери, коишто доаѓаат од институции или фирми кои имаат сметки во други банки ̶ нив граѓани ќе можат да ги повлечат во целост, без ограничување на износот. Во таа смисла, клиентите на Банката немаат потреба од отворање платежна сметка во друга банка, бидејќи ќе може да располагаат со пристигнатите приливи врз овие основи во целосен износ, со користење платежна картичка или подигање готовина преку отворените шалтери на Банката.
О.К.